Коренот на ФК Охрид датира уште од 1921 година, кога е формиран тогашниот ОСК Охрид. Под името ФК Охрид, клубот почнува да се натпреварува од 1946 година, кога се обединуваат неколку охридски фудбалски клубови, меѓу кои ОСК, ФК Охридски Бранови, ФК Југославија, ФК Рашанец и ФК Граѓански. Со ова обединување е поставена основата на денешниот ФК Охрид, односно ГФК Охрид Лихнидос.
Клубот за првпат настапил во Македонската фудбалска лига, во времето на поранешна Југославија, во 1948 година, кога завршил на осмото место. Голема заслуга за развојот на фудбалот во Охрид во тој период има тогашниот тренер, инженерот Бошко Симоновиќ, кој подоцна бил и селектор на репрезентацијата на Југославија, освојувач на третото место на Светското првенство во Уругвај во 1930 година.
Во 1950 година, ФК Охрид завршил на седмо место во лигата, а само една година подоцна, во сезоната 1951, клубот го освоил своето најдобро пласирање до тогаш, шестото место во Македонската лига. Освен во лигата, ФК Охрид настапувал и во купот на поранешна Југославија, оставајќи го својот белег во македонскиот и југословенскиот фудбал.
По осамостојувањето на Македонија, ФК Охрид продолжува со своето спортско делување низ различни рангови на домашниот фудбал. Во периодот од 1992 година наваму, клубот настапувал во Третата, Втората, а во три наврати и во Првата македонска фудбалска лига. Во сезоната 1994/95 ФК Охрид завршил на осмо место, во сезоната 1995/96 на тринаесетто место, а последен настап во елитниот ранг имал во сезоната 2011/12.
Еден од најпосебните моменти во клупската историја се случил во сезоната 1993/94, кога ФК Охрид, како второлигаш, се пласирал во полуфиналето на Купот на Македонија. Со еден од најсилните состави во својата историја, охридскиот тим го изгубил двобојот од прволигашот Пелистер, откако загубил дома со 0:4, а во возвратниот натпревар во Битола резултатот бил 2:3. Интересно е што истата година титулата во купот ја освоил денешниот ривал на Охрид, екипата на Силекс од Кратово.
Денес, клубот официјално се натпреварува под името ГФК Охрид Лихнидос и е активен член на Втората македонска фудбалска лига. Домашните натпревари ги игра во сини дресови, додека на гостувања настапува во бели. Своите домаќински натпревари ГФК Охрид Лихнидос ги игра на стадионот на СРЦ „Билјанини Извори“, објект со капацитет од 4.000 гледачи, каде се создадени многу незаборавни спортски мигови за граѓаните на Охрид.
Клубот е препознатлив под неколку прекари, меѓу кои „Плаво Белите“ и „Рибарите“, а е поддржан од навивачката група Рибари Охрид 1989, чија лојалност кон клубот трае со децении.
Во поновата клупска историја, ГФК Охрид Лихнидос повторно се потврди како тим со куп амбиции. По елиминацијата на Вардар, охридскиот тим се пласираше во полуфиналето на Купот на Македонија во сезоната 2025/26, каде се сретна со тогашниот прволигаш и трикратен освојувач на трофејот, Силекс од Кратово. Ова беше второ полуфинале во историјата на клубот, по она од сезоната 1993/94 против Пелистер, а првиот полуфинален натпревар меѓу ГФК Охрид Лихнидос и Силекс заврши нерешено, 1:1.
ГФК Охрид Лихнидос не е само спортски клуб, туку жива нишка која го поврзува современиот Охрид со неговата долга витешка традиција. Плаво Белите Витези, како што со право ги нарекуваат навивачите и граѓаните, се симбол на упорност, чест и непоколеблива љубов кон градот. Зад дресовите на клубот стојат млади дечки од Охрид и Македонија, ентузијасти кои со срце и без резерва се вклучени во животот на клубот, водени од искрена желба, Охрид повторно да заигра во Прволигашко друштво.
Токму таа енергија, пренесувана од генерација на генерација, е причината ГФК Охрид Лихнидос да опстојува повеќе од еден век. Секој натпревар на СРЦ „Билјанини Извори“ е потсетник дека витештвото во Охрид не е дел од минатото, туку жива вредност која денешните плаво белите Витези ја носат гордо понатаму.
ФК Охрид, односно денешниот ГФК Охрид Лихнидос, повеќе од еден век претставува спортски амбасадор на градот Охрид. Низ различни политички и општествени системи, низ падови и подеми, клубот успеа да ја зачува својата традиција и идентитет. Со богата историја, препознатливи бои, лојални навивачи и постојана борба за поголеми успеси, ГФК Охрид Лихнидос останува важен дел од спортскиот и културниот идентитет на Охрид и Охридскиот регион.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
