Германската полиција проверува снимки од безбедносните камери на Октоберфест во обид да утврди дали моментот на смртта на 52-годишен државјанин на Србија бил снимен.
Трагедијата се случила во понеделникот вечерта, нешто пред 22 часот, во момент кога забавниот парк бил преполн со посетители.
Според досегашните информации, 52-годишниот Србин, од засега неутврдени причини, влегол во забранетиот простор на атракцијата „Hangover“, токму додека таа била во функција.
Станува збор за кула за слободен пад висока околу 80 метри. Полицијата сега се обидува да утврди каде точно се наоѓал човекот во моментот кога гондолата налетала на него и го удрила, при што најверојатно бил смртно повреден.
Според германските медиуми, загинатиот бил ангажиран како работник во обезбедувањето.
Екипите на итната медицинска помош веднаш го реанимирале на местото на несреќата, но тој им подлегнал на тешките повреди во болница.
Криминалистичката полиција сега се обидува да ја реконструира несреќата и трага по видеоснимки кои би можеле да помогнат во истрагата.
Полицијата ги повикува сите очевидци, особено посетителите кои во понеделникот вечерта се наоѓале во близина на кулата за слободен пад, а виделе или снимиле нешто поврзано со несреќата, да се јават и да ги достават снимките.
Од полицијата соопштиле дека патниците во атракцијата во ниту еден момент не биле во опасност.
На местото на фестивалот, во меѓувреме, свештеници и членови на тимот за кризна интервенција им помагале на очевидците кои биле потресени од трагедијата. Прославата на Октоберфест продолжила во непосредна близина.
Ова не е единствениот инцидент со атракциите на Октоберфест по отворањето на фестивалот во саботата.
На атракцијата „Predator“, која ги врти посетителите наопаку, сензор го запрел системот, по што посетителите останале заглавени во превртена положба меѓу две и пет минути.
Сензорот бил заменет, а атракцијата повторно била проверена од стручно лице. Не бил утврден дефект, па „Predator“ повторно била пуштена во употреба истата вечер.
Во саботата запрела и атракцијата „XXL Racer“. Осум посетители останале заглавени на височина од околу 55 метри.
Според прес-службата на Октоберфест, проблемот бил предизвикан од дефект во сигналот. Во овој инцидент немало повредени.
Германските медиуми потсетуваат дека ова не е прва смртна несреќа поврзана со атракциите на Октоберфест.
На 16 септември 2024 година, за време на поставувањето на фестивалот, 20-годишен работник бил удрен од гондола на ролеркостер. Тој починал во болница.
Истиот ролеркостер, „Olympia Looping“, претходно бил поврзан со уште една трагедија. Во април 2022 година, 30-годишна работничка загинала додека атракцијата гостувала во забавниот парк „Prater“ во Виена.
На 30 септември 1996 година, пак, два воза на ролеркостерот „Euro Star“ се судриле на Октоберфест. Во несреќата биле повредени повеќе од 25 лица.
Подоцна на инспектор од TÜV му бил издаден казнен налог поради невнимание кое довело до телесни повреди.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
