Ветувањата на Западот дека еден ден ќе ја прифати Украина во НАТО беа лага, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој рече и дека САД и Германија одржувале контакти со Русија во текот на целата војна.
– Некои држави немаа многу транспарентна политика, не го поддржаа нашето членство во НАТО и тоа беа едноставно лажни зборови дека Украина ќе биде во НАТО. Верувам дека позицијата на Германија и на Соединетите Американски Држави беше слаба, бидејќи тие имаа дијалог со Русите и верувам дека го загубија тој дијалог. Тие изгубија, затоа што секогаш се повикуваат на тоа дека порано имало некакви договори со Русите – им рече Зеленски на новинарите во Давос, пренесува РБК Украина.
Според него, западните земји претходно воделе „не многу визионерска политика“, давајќи лажни ветувања за влез на Украина во НАТО, а по децении интеграција во Алијансата, тоа никогаш не се случи.