Претседателот на Собранието, Африм Гаши треба да им ги испрати иницијативите за интерпелации на 5-те члена на Судскиот совет што ги избира Парламентот, по што, според Деловникот, тие имаат 10 дена да се изјаснат дали ќе одговорат на изнесените наводи или не. По овој рок, без разлика дали членовите на Судскиот совет ќе одговорат или не, претседателот Гаши може да ја закаже седницата за интерпелацијата на Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
Согласно овие рокови, очекувањата се дека седница на која ќе се расправа за интерпелациите би имало на почетокот на март.
Исходот на овој процес е извесен, интерпелациите се очекува да бидат изгласани, затоа што на иницијативите се потпишани 67 пратеници. Но, изгласаната интерпелција не значи и автоматско разрешување.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите кои се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација.
Тој потсети дека Собранието не го прифатило извештајот за работата на Судскиот совет и оти сега е логично пратениците да поднесат интерпелација на членовите на Советот кои тие ги избрале.
– Но, ќе повторам, тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови. Сепак, тие можат да си речат не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од два проценти. Условно кажано, законот е таков – непрецизен и може тоа да се случи – рече Мицкоски.
Премиерот вели дека тоа нема го изненади и оти тие како политичари можат да направат само јавен притисок бидејќи цени дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав.
– Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Се разбира, таков е законот, тие можат да си речат не поднесуваме оставка и ќе тераме додека не ни завршат мандатите. Инаку кои се алатките? Еве за да нема дилема. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме со јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок – рече вчера Мицкоски.
Премиерот посочи дека се надева оти тие ќе поднесат оставки.
– Мислам дека ќе бидат доблесни, доколку се изгласа интерпелацијата, односно доколку заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат – рече Мицкоски.
Бирањето на нови членови на Судскиот совет, според него, ќе биде според законот што во моментот е во сила.
Во интерпелациите за работата на членовите на Судскиот совет се посочува дека се поднесуваат заради недоследно спроведување на надлежностите, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.