Лани Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) располагал со повеќе од 836 милиони евра или повисок буџет за 6,13% во однос на 2024 година. Најголем дел од парите завршиле во јавното здравство, а дел и за зголемување на бодот на матичните лекари од 33% што е најголемо зголемување по повеќе од една деценија. Фондот ја подобрил и транспарентноста.
Ова покрај другото го соопшти генералниот директор на ФЗО Сашо Клековски на денешната презентација на резултатите од ланското работење.
– Минатата година Фондот се грижеше за 1.841.000 осигуреници за што вложи 51,5 милијарди денари (повеќе од 836 милиони евра). Бројот на осигуреници останува стабилен со неопходно свртување внимание дека на двајца активни осигуреници во работен однос има еден пензионер и едно невработено неосигурено лице. Овој тренд треба да се следи многу внимателно. Во однос на финансиите 51,5 милијарди денари е вложувањето во здравството. Тоа е околу 6,13% зголемување во однос на 2024 година и петта година по ред има зголемување на буџетот на ФЗО. Издвојувањето за Фондот се околу 4,95% од БДП на земјата, а заедно со издвојувањето за здравството во Министерството за здравство, издвојувањето е околу 5,31% од БДП и околу 13% од буџетот на Македонија – рече Клековски.
Тој посочи дека со овие финансиски показатели сме во средината на табелата со земјите од регионот, највисоко се Словенија и Хрватска со над 7% издвојување од БДП, со околу 5,5% издвојување од БДП се Србија, Македонија и Босна и Херцеговина, а Албанија и Косово се со пониски издвојувања.
– Најголем дел од финансиите се наменети за јавното здравство. За забележување е дека во 2025 година го имавме и историското зголемување на капитациите за матичните лекари, од 33%, што е најголемо зголемување по повеќе од една деценија. Имаме раст на сите услуги и во болничкото лекување и во специфичните здравствени услуги како кардиохирургија, дијализа, офталмологија итн. и имаме раст во надоместоците за боледување, растат и износите за породилни боледувања кои се околу 72 милиони евра во 2025 година и покрај тоа што бројот на породилни отсуства е ист. Делумно тоа се должи на зголемување на платите во 2025 година – појасни Клековски.
На институционално ниво, потенцира тој, минатата година одбележавме 25 години грижа за здравјето на граѓаните на Македонија.
– Имаше неколку промени, воведовме шест бесплатни обиди за ин витро, се намали рокот за одлучување за лекување во странство од 45 на 30 дена, се поедностави процедурата, истовремено за ин витро се направи целосна дигитализација на процесот. Благодарение на зголемената транспарентност од Државниот завод за ревизија бевме оценети како најтранспарентна институција на интернет минатата година – додаде Клековски.
Тој се пофали со фактот дека ФЗО е на прво место во транспарентноста меѓу државните институции.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
