Финска одлучи да се приклучи на иницијативата за нуклеарно одвраќање што им ја понуди на европските земји францускиот претседател Емануел Макрон, објавија двете земји во заедничка изјава во понеделник.
Во март, Франција им понуди на своите европски сојузници поголема соработка во областа на нуклеарното одвраќање.
„Во следните неколку месеци ќе се формира група за управување со нуклеарни прашања со цел да се започне со спроведување на оваа соработка“, додадоа Финска и Франција во соопштение.
Со тоа, бројот на европски земји што се приклучија на француската иницијатива се зголеми на десет, пишува Франс прес.
Финскиот претседател Александар Стуб на социјалната мрежа X оцени дека француската иницијатива е „првенствено насочена кон зајакнување на европската безбедност“ и „спречување на ескалации“, без да го замени „нуклеарното одвраќање на НАТО“.
„За Финска, НАТО и Европската Унија се уште се приоритетни рамки на дејствување“, додаде тој, истакнувајќи дека неговата земја нема намера да дозволи стационирање на нуклеарно оружје „на нејзина територија во мирно време“.
Соопштението беше дадено како дел од новото стратешко партнерство меѓу Франција и Финска, кое ќе го потпишат министрите за надворешни работи на двете земји попладне во Хелсинки.
Во говорот одржан на почетокот на март во стратешката поморска база Ил Лонг во близина на Брест, Емануел Макрон ја ажурираше француската доктрина за нуклеарно одвраќање.
Идејата е француското одвраќање да се прошири на европските сојузници, вклучително и преку заеднички вежби и потенцијално привремено распоредување на делови од француските нуклеарни сили надвор од Франција, додека се задржува националната контрола врз нуклеарното оружје.
Првично, осум земји беа вклучени во новата доктрина: Обединетото Кралство, Германија, Полска, Холандија, Белгија, Грција, Шведска и Данска. Норвешка им се придружи во мај.
Велика Британија е единствената европска земја, заедно со Франција, која поседува нуклеарно оружје.
Иницијативата за одвраќање не оди толку далеку што нуди формален нуклеарен чадор каков што го обезбедуваат Соединетите Американски Држави.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
