Филипче: Извештајот на ЕП го потврди СДСМ, нема реформи, нема борба против корупцијата, нема напредок.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција потенцираше дека извештајот на Европскиот парламент ги потврдува предупредувањата на СДСМ за состојбите во државата, посочувајќи дека нема реформи, нема борба против корупцијата и нема напредок на европскиот пат.
„Извештајот на Европскиот парламент е јасен, остар и недвосмислен, а тоа е дека едноставно немаме напредок на европскиот пат. Премиерот јавно зборува дека нема да имаме, ниту може да очекуваме од него и од оваа влада некаков напредок на европскиот пат. Европратениците, прво, изразуваат загриженост дека судскиот систем, независноста на судството, обвинителството, како и напорите за јакнење на владеењето на правото и борбата против корупцијата не напредуваат доволно. Понатаму, констатираат со загриженост дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата во многу области, како и дека има длабоки структурни слабости и негативни трендови во функционирањето на судството, вклучително и недоволно финансирање и кадровска екипираност на судските институции, што ја поткопува судската независност“, обвини Филипче.