Скопскиот обвинител Фатон Азизи е меѓу кандидатите за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), чиј актуелен шеф Ислам Абази наскоро го завршува мандатот. За функцијата, според објавените информации, се пријавиле и обвинителите Искра Хаџи-Василева, Спасенка Андонова, Владимир Милошевски, Александар Марковски и Јован Цветановски.
Азизи зад себе има повеќегодишно правно и обвинителско искуство. Правен факултет завршил во 2006 година, правосудниот испит го положил во 2011 година, а во 2014 година магистрирал со труд посветен на соработката на Македонија со Европскиот суд за човекови права и Европската конвенција за човекови права. Од 2017 до 2019 година ја завршил Академијата за судии и јавни обвинители.
Во ноември 2019 година е избран за јавен обвинител во ОЈО Скопје, а од март 2024 година е делегиран во ОЈО ГОКК. Таму работи на предмети поврзани со организиран и финансиски криминал и корупција на високо ниво, а истовремено е контакт-точка меѓу обвинителството и Евроџаст, што му носи искуство во меѓународната соработка и координацијата на прекугранични предмети.
Во текот на досегашната кариера, Азизи бил вклучен во повеќе сложени предмети со голем број осомничени и обвинети лица и обемен доказен материјал. Меѓу позначајните е предметот „Адитив“, во кој има 38 обвинети, како и постапката против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата. Во неговото професионално искуство се и предметите „Ботокс“, со околу 20 осомничени, и „ФФМ“, со околу 30 осомничени лица.
Дел од неговиот ангажман се и предмети вратени на повторно судење, меѓу кои случајот поврзан со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, како и предметот „Меѓународен сојуз“.
Покрај класичните обвинителски постапки, неговото искуство опфаќа финансиски истраги, случаи на перење пари, злоупотреба на службената положба, висока корупција и криптовалути, како и работа со електронски докази и комуникации преку енкриптирани платформи како SKY ECC и EncroChat. Има посетувано и повеќе меѓународни обуки и стручни програми од овие области.
Изборот на новиот раководител на ОЈО ГОКК е предвидено да се одржи на 28 октомври, кога обвинителите ќе гласаат за наследник на Абази. Според актуелниот закон, раководителот има мандат од четири години со право на повторен избор. Во собраниска процедура, но без потребното двотретинско мнозинство, се и измени со кои се предлага мандатот да трае шест години без право на реизбор.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
