Експлозии се регистрирани утринава во повеќе делови на Иран. Американската војска соопшти дека завршила нов бран воздушни напади врз цели низ земјата.
Иранските медиуми објавија дека експлозии се слушнале во Конарек, во југоисточната покраина Систан и Белуџистан, како и во пристанишниот град Чабахар на Оманскиот Залив.
Иранската државна телевизија информира и за американски напади во близина на градот Шираз во јужниот дел на земјата, додека агенцијата Фарс јави за повеќе експлозии во околината на островот Кешм во Ормускиот Теснец и во близина на јужниот град Бандар Абас.
Американската централна команда соопшти на Икс дека е завршен најновиот бран напади кој траел околу 5 часа.
Според командата, американските сили нападнале ирански воени командни центри, поморски капацитети, позиции за лансирање ракети и беспилотни летала, како и системи за противвоздушна одбрана, со цел да се намали способноста на Иран за напади врз трговските бродови што минуваат низ Ормус.
Ова е десетта последователна ноќ кога американските сили изведуват напади врз цели во Иран.
Техеран одговори со одмазднички акции против држави во регионот каде што се распоредени американски воени бази.
Во меѓувреме, танкер бил погоден од неидентификуван проектил во Ормускиот Теснец, во близина на брегот на Оман, соопшти британската Агенција за поморски трговски операции (УКМТО), само еден ден откако друг брод се запали по напад во истото подрачје.
Според УКМТО, инцидентот се случил на околу 15 километри североисточно од Лима во Оман. Безбедносниот офицер на танкерот пријавил дека екипажот го напуштил бродот и се наоѓа во спасувачки чамец, при што не е регистрирано загадување на животната средина. Не е посочено ниту името ниту сопственикот на бродот.
Иранската револуционерна гарда, пак, соопшти дека два нафтени танкери се запалиле по експлозии додека се обидувале да минат по јужната пловна рута низ теснецот. Наведено е дека спасувачките екипи ги евакуираат членовите на екипажите, без да бидат соопштени детали за пловните објекти.
Техеран претходно побара бродовите да ја користат рутата долж иранскиот брег, тврдејќи дека единствено пловниот коридор определен од Иран е безбеден. Спорот околу пловидбата низ Ормус, кој е од клучно значење за светскиот транспорт на нафта, природен гас и ѓубрива, останува едно од главните жаришта во ескалирачкиот конфликт меѓу САД и Иран.
Tagged as:
Експлозии се регистрирани утринава во повеќе делови на Иран
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
