Еден рудар загина, а двајца се водат за исчезнати во словенечкиот рудник за јаглен во Велење, откако еден од тунелите беше поплавен и затрупан од големо количество тиња.
Несреќата се случила во понеделникот во 19.10 часот, а бидејќи тунелот бил затрупан под десетици метри кал, се очекува двајцата рудари да не преживеале, јавуваат словенечките медиуми.
Полициската управа Цеље соопшти дека телото на рударот, кој бил пронајден мртов, е извлечено од рудникот. Во моментот на несреќата на местото на ископот имало 14 лица, од кои повеќето успеале да побегнат, а тројца останале заробени.
Спасувачите сѐ уште работат за да стигнат до затрупаните рудари и рачно откопуваат кал и друг материјал што влегол во ископот, јавува N1 Словенија. Засега не е познато зошто дошло до несреќата.
Велење денеска ќе го посети и словенечкиот премиер, Роберт Голоб, кој во понеделник на социјалната мрежа Икс објави дека е длабоко потресен од веста за трагичната несреќа.
„Искрено сочувство до семејството и роднините. Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија. Искрено им благодарам на спасувачите за напорите и посветеноста да направат се што е во нивна моќ“, напиша словенечкиот премиер.