Дурмиши во Истанбул: Северна Македонија е сигурен партнер и атрактивна инвестициска дестинација за турските компании
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција, каде ја истакна посветеноста на Владата за создавање предвидлива, конкурентна и инвестициски ориентирана деловна средина, насочена кон поттикнување на нови инвестиции, економски раст и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши нагласи дека Република Турција е еден од најзначајните економски партнери на Северна Македонија, при што трговската размена континуирано расте, а турските компании со децении имаат значајна улога како инвеститори, работодавачи и партнери во развојот на македонската економија.
„Северна Македонија е отворена за нови инвестиции и нови партнерства. Нудиме стабилна макроекономска политика, стратешка географска положба, пристап до регионалните пазари, квалификувана работна сила и силна институционална поддршка за инвеститорите. Уште поважно, нудиме партнерство засновано на доверба и долгорочна соработка“, истакна министерот Дурмиши.