По целосна обработка на документацијата од страна на Државниот пазарен инспекторат, донесени се инспекциски мерки, решенија со наредба до финансиските друштва, кои се обврзани да им вратат на потрошувачите незаконски наплатени средства во вкупен износ од над 140 милиони денари (2,7 милиони евра), со прецизни рокови за постапување од 30, 60 и 90 дена, зависно од бројот на опфатени потрошувачи во секое друштво, изјави денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, на заедничка прес-конференција со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и портпаролката на Владата, Марија Митева.
Стојкоски појасни дека мерките се однесуваат на незаконската наплата на опомени и паушални надоместоци за доцнење со плаќањето на доспеаните кредитни обврски, а друштвата имаат рок од 30,60 и 90 дена да ги вратат парите кај клиентите.
Според него, во изминатите три месеци Инспекторатот спровел континуирани вонредни инспекциски надзори кај сите 27 финансиски друштва со лиценца од Министерството за финансии за одобрување кредити на физички лица. Тој нагласи дека контролите не се однесуваат само на тековната 2026 година, туку го опфаќаат и периодот од 2023, 2024 и 2025 година.
Контролите биле насочени кон примената на Законот за заштита на потрошувачите, особено во делот на договорите за потрошувачки кредити, наплатата на провизии и дополнителни трошоци, како и исполнувањето на обврските на финансиските друштва кон клиентите.
– Кај 18 субјекти констатирано е дека спроведуваат активности на нечесна трговска практика, односно во договорите за потрошувачки кредити се содржани нечесни трговски одредби. Изречени се соодветни мерки согласно закон и издадени се платни налози со вкупен износ од над три и пол милиони денари – рече Стојкоски.
Кај 12 финансиски друштва, додаде тој, било утврдено дека спротивно на член 36 од Законот за заштита на потрошувачите им наплатувале на клиентите за доставени известувања и опомени поради доцнење или неплаќање на доспеаните обврски по основ на кредити.
По донесените решенија, над 26.000 граѓани од целата држава треба да добијат поврат на незаконски наплатените средства.
При инспекциските надзори кај две финансиски друштва било утврдено и дека сметководствената евиденција не се води согласно Законот за трговските друштва и Законот за сметководството, поради што дел од потребната документација не била обезбедена во соодветната законска форма. За констатираната состојба билo известено Министерството за финансии за понатамошно постапување. Стојкоски појасни дека двата правни субјекта се поголеми финансиски друштва со повеќе експозитури низ државата.
Стојкоски ги повика финансиските друштва доследно да ги почитуваат законските прописи и да обезбедат транспарентност во работењето, а граѓаните внимателно да ги анализираат условите пред склучување договор за потрошувачки кредит и да побараат појаснување за сите надоместоци, трошоци и обврски.
Тој не прецизираше кога ќе бидат објавени имињата на финансиските друштва кај кои се утврдени неправилности, објаснувајќи дека во тек се последователни инспекциски надзори и поширока истрага.
-Кога би завршила истрагата, нема никаков проблем и да се објави, меѓутоа сега сè уште сме во тек на последователни инспекциски надзори. Не би сакал да ѝ наштетам на постапката, затоа што еден погрешно насочен збор би претставувал проблем. До толку можам да изнесувам детали и ве молам за разбирање, со една цел – во интерес на граѓаните – рече Стојкоски.
Во однос на казните, тој појасни дека нивниот износ зависи од видот и бројот на прекршените одредби, при што се движат од 2.000 до 10.000 евра за една мерка по финансиско друштво. Кај дел од друштвата биле утврдени прекршувања на повеќе одредби, за кои се изречени соодветен број мерки.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека профитот на ниту една компанија не смее да се гради врз финансиската немоќ на граѓаните и дека Владата се залага за праведен пазар на кој законите ќе важат за сите.
-Предмет на контролите беше почитувањето на Законот за заштита на потрошувачите, со посебен акцент на нечесните и измамничките трговски практики, транспарентноста на условите и кредитирањето и наплатата на дополнителни трошоци, паушали и провизии. Како резултат на утврдените неправилности, изречени се 18 инспекциски мерки, а казните ќе стигнат и до 100.000 евра. Особено е важно да ги заштитиме граѓаните кои поради својата финансиска состојба се принудени да користат вакви кредити. Нема да толерираме практики кои се на штета на граѓаните – нагласи министерот.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, рече дека проблемот со брзите кредити е едно од најгорливите прашања за многу семејства, особено кога треба да се покријат месечните сметки, потребите на домаќинството и ратите за кредитите.
– Кога со секоја опомена доаѓа нов трошок, притисокот врз тие семејства станува уште поголем – истакна Митева.
Според неа, за првпат Државниот пазарен инспекторат спровел надзор од ваков обем во секторот, опфаќајќи ги сите 27 лиценцирани финансиски друштва.

