Background

Додик дал многу пари на луѓе на Трамп пред изборите, открива „Њујорк тајмс“

Додека Доналд Трамп ги обиколува САД за да им помогне на републиканците пред клучните конгресни избори, двајца негови најблиски политички советници престојуваа на Балканот и ѝ помагаа на проруската власт во Република Српска пред изборите одржани во неделата, објави „Њујорк тајмс“.

Џејмс Блер и Крис ЛаЦивита, оперативци кои го водат политичкиот штаб на Трамп за изборите, добиле стотици илјади долари преку адвокатска канцеларија од Вашингтон, која ја ангажирала Владата на Република Српска.

Нивниот ангажман формално бил претставен како советување за изборните правила, но според „Њујорк тајмс“, тие всушност ѝ помогнале на владејачката националистичка партија на Милорад Додик, која со години одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.

- Advertisement -
Ad image

Пред гласањето, властите во Република Српска тврдеа дека победата им ја загрозуваат нови електронски уреди за броење гласови, слични на оние што Трамп без докази ги обвинуваше за неговиот пораз на изборите во 2020 година.

Партијата на Додик на крајот убедливо победи, а тој во победничкиот говор му се заблагодари на Путин за поддршката и оцени дека враќањето на Трамп на власт создало поволна политичка атмосфера за неговата политика.

Блер управува со главниот донаторски фонд на Трамп, MAGA Inc., кој располага со повеќе од 400 милиони долари за конгресните избори, додека ЛаЦивита е негов висок советник.

Портпаролот на фондот, Алекс Фајфер, потврди дека двајцата и за време на престојот во Босна и Херцеговина ги координирале теренските тимови во САД.

Соработката на луѓе од опкружувањето на Трамп со Бања Лука не е изолиран случај. Според официјалните податоци на американското Министерство за правда, кои ги цитира „Њујорк тајмс“, од почетокот на минатата година оперативци и лобисти поврзани со Трамп добиле повеќе од четири милиони долари.

Најголемиот политички успех на таа лобистичка операција беше одлуката на администрацијата на Трамп кон крајот на минатата година да ги укине долгогодишните санкции против Додик, неговото семејство и неговите соработници.

Додик со години градеше имиџ на балканска верзија на Доналд Трамп, претставувајќи се како жртва на политички прогон и судски процеси.

Иако судот во БиХ го осуди поради непочитување на одлуките на меѓународната управа, поддршката од американските конзервативци му донесе значаен политички поттик, оценува аналитичарот Аднан Ќеримагиќ за „Њујорк тајмс“. Во април Бања Лука ја посети и Доналд Трамп Јуниор.

Врските продолжија и на највисоко ниво. Жељка Цвијановиќ, која на изборите го потврди мандатот во Претседателството на БиХ, минатиот месец се сретна во Белата куќа со шефицата на кабинетот на Трамп, Сузи Вајлс.

Средбата ја организираше поранешниот оперативец на Трамп, Алекс Гарсија, чија компанија добива 35.000 долари месечно за застапување на интересите на Република Српска, објави „Њујорк тајмс“.

Поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благоевич, чија компанија од март досега наплати повеќе од 1,3 милиони долари од Република Српска, отворено ја опиша природата на соработката:

„Во Србија и Република Српска го обожаваат Трамп. Да се биде близок со него таму носи огромен политички плус.“

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖