Блискиот Исток останува на работ на нова ескалација откако САД и Иран втора ноќ по ред разменија напади, а израелскиот државен и воен врв порача дека конфликтот е далеку од завршен. Во центарот на вниманието денеска беше пораката од Тел Авив дека Иран нема да добие нуклеарно оружје и дека израелската армија се подготвува за нови операции.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека кампањата против Иран продолжува и дека Тел Авив нема да дозволи Техеран да дојде до нуклеарно оружје.
– Со или без договор, Иран нема да има нуклеарно оружје – изјави Нетанјаху.
Тој истовремено најави дека израелските сили ќе останат во јужен Либан колку што е потребно и дека Израел ќе ја зачува својата воздушна супериорност во регионот.
Според ирански извори, во последните два дена загинале најмалку 14 лица. Вашингтон соопшти дека погодил околу 90 воени цели, дел од нив во близина на Ормускиот Теснец, додека Техеран возврати со напади врз американски цели во Кувајт, Бахреин и Катар, а подоцна беа пријавени удари и во Јордан и во Ирак.
Паралелно со воените дејства, набљудувачите предупредуваат на драматично намален сообраќај низ Ормускиот Теснец, еден од најважните енергетски коридори во светот.
Уште подиректна порака испрати началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал-потполковник Ејал Замир.
– На маса се нови планови. Сè уште има големи операции пред нас. Бидете подготвени – рече Замир пред новата генерација пилоти на израелските воздухопловни сили.
Тој откри дека армијата и понатаму е во состојба на висока борбена готовност и внимателно ги следи случувањата во Иран и во Либан.
Од иранска страна, министерот за надворешни работи Абас Арагчи побара Вашингтон да се воздржи од нови воени „авантури“. Во разговори со претставници на Пакистан, Оман и Турција, Арагчи ги осуди американските напади и повика на дипломатско решение за кризата.
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека сите соговорници ја нагласиле потребата од користење дипломатски канали за да се спречи понатамошна ескалација.
Додека политичарите разменуваат закани и предупредувања, загриженоста расте и поради состојбата во Ормускиот Теснец. Според поморски набљудувачи, бројот на бродови што минуваат низ теснецот нагло се намалил по последните напади.
Токму овој воден пат е клучен за глобалната трговија со нафта и течен природен гас, па секое ново влошување на безбедносната состојба може да има последици далеку надвор од Блискиот Исток.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
