Директорот на Националната установа „Историски музеј“ – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата, наведувајќи дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста.
Оставката на Оџаклиески следува по реакциите во јавоста во врска со снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на споменикот „Македониум“ во Крушево, кој е заштитено културно наследство на државата.
За случајот денеска се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека уште денеска ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција, кои дозволиле да се изнајми историскиот споменик „Македониум“ за снимање музички спот.
Оџаклиески во оставката наведува дека во конкретниот случај не е прекршен ниту еден закон, правилник или друг акт, ниту е постапено спротивно на која било одлука донесена од Управниот одбор на установата. Според него, станува збор за постапка која била дел од веќе воспоставена и претходно применувана практика во институцијата.
Сепак, како што посочува, раководењето со јавна институција подразбира одговорност која не се исцрпува единствено во почитувањето на законските норми, туку подразбира и високи морални и етички стандарди, особено кога станува збор за довербата на јавноста.
„Иако немало намера за прекршување на закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во проценката на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста. За тоа чувствувам морална одговорност и затоа ја поднесувам оставката“, наведува Оџаклиески.
Тој се извини на јавноста за настанатата недоумица и за ненамерниот пропуст, нагласувајќи дека извинувањето го упатува како израз на почит кон граѓаните и кон институцијата на која ѝ служел.
„Националната установа е институција од особено значење за нашата културна и историска меморија. Нејзиниот углед и довербата на јавноста се поголеми од секоја функција и од секој поединец што во определен период ја извршува таа функција“, се наведува во оставката.
Оџаклиески истакнува дека оставката ја поднесува со чиста совест во однос на законската одговорност, но со целосна свест за моралната одговорност што ја носи функцијата директор на јавна установа.
Со овој чин, како што наведува, предност им дава на угледот и интересот на институцијата пред личното задржување на функцијата.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
