Десетици луѓе се ставени во изолација откако вработена во руски институт посветен на проучување на чума и други заразни болести починала од пневмонија со непознато потекло, објави Си-Ен-Ен (CNN). Руските медиуми известуваат дека болниците во регионот каде што се случил инцидентот се затворени, а локалните жители почнуваат да чувствуваат паника поради ситуацијата.
Дарја Шипилова (28), лабораториски техничар во Иркутскиот истражувачки институт за контрола на чума во градот Шелехов, починала откако ѝ била дијагностицирана пневмонија со непознато потекло, според „Роспотребнадзор“, руската државна агенција за контрола на заразни болести. Нејзината смрт била потврдена минатата недела.
Максим Модин, раководителот на областа Шелехов во источна Русија – во близина на границата со Монголија – изјави дека локалните власти спроведуваат сеопфатен сет на антиепидемиски мерки.
Болничкото одделение каде што се лекувала починатата техничарка е ставено во карантин, а неколку други одделенија во истата болница престанале да отпуштаат или примаат пациенти, потврди Модин. Затворени се и други болници во областа, објавија локалните медиуми.
Властите во Иркутск ја откажаа годишната акција за чистење планирана за викендот, а локалните медиуми го поврзаа откажувањето на овој традиционален настан со смртниот случај. Екатерина, жителка на Шелехов, во понеделникот за Си-Ен-Ен изјави дека нема видливи промени во градот, но дека населението е вознемирено.
„Некои познаници полека почнуваат да паничат“, рече таа.
Друга жителка, која сакаше да остане анонимна, рече дека е „шокирана“ од веста.
Неофицијални извештаи, вклучително и оние од независниот локален медиум „Луди Бајкала“ (Liudi Baikala), наведуваат дека властите ставиле речиси 200 луѓе под „надзор“. Неколку лица кои биле во контакт со починатата лабораториска техничарка биле позитивни на КОВИД-19 и на риновирус – најчестиот причинител на „обичната настинка“ – соопшти „Роспотребнадзор“ за руската новинска агенција ТАСС.
Во фабриката за алуминиум лоцирана во близина на лабораторијата, на вработените им било наложено да носат маски како мерка на претпазливост. Директорот на фабриката, Артјом Фоминик, истакна дека во јавноста кружат спротивставени информации и ги повика вработените да останат смирени.
Во својот единствен коментар за инцидентот, Кремљ наведе дека луѓето треба да се потпираат исклучиво на информациите што доаѓаат од официјалните владини и регионални тела и агенции.
„Треба да се потпираме на официјалните соопштенија од „Роспотребнадзор“, наместо да слушаме разни гласини и шпекулации“, изјави портпарол на Кремљ.
Руските здравствени власти ја отфрлија каква било поврзаност меѓу причината за смртта на младата Русинка и нејзиното работно место. Тие изјавија дека во примероците земени од пациентката не биле пронајдени микроорганизми поврзани со нејзината работа. Додадоа и дека епидемиолошката состојба во регионот е стабилна.
И покрај сите овие тврдења, шефицата на „Роспотребнадзор“, Ана Попова, во петокот отпатува за Иркутск на итен состанок на регионалната работна група за борба против епидемии, изјави локалниот гувернер Игор Кобзев.
Според него, состанокот се однесувал на „сомнителен случај на високозаразна инфекција кај жител на регионот“.
Од институтот каде што работела починатата млада жена кратко изјавија за Си-Ен-Ен (CNN) дека нема да го коментираат случајот.
Инфекцијата во регионот на Иркутск „најверојатно не е чума, но дури и да се потврди, нема да дојде до ширење“, изјави поранешниот директор на „Роспотребнадзор“, Генадиј Онишченко. Во изјава за агенцијата ТАСС, тој додаде дека почетокот на студеното време веројатно ќе го спречи преносот на болеста.
Земјите во регионот воведуваат гранични карантини
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти за Си-Ен-Ен дека е во контакт со руските здравствени власти за да ги потврди деталите за инцидентот, околностите поврзани со него, како и извршените лабораториски тестови и нивните резултати.
„Врз основа на официјалните информации, ризикот по јавното здравје за општата популација се чини дека е низок“, наведоа од СЗО.
И покрај таквите уверувања, неколку земји веќе презедоа одредени мерки.
Министерството за здравство на Казахстан објави дека, иако ризикот е „многу низок“, ја следи ситуацијата, а на граничните премини се спроведени санитарни контроли и мерки за карантин. Узбекистан соопшти дека ја зголемил подготвеноста на надлежните институции за справување со високозаразната болест. Киргистан, кој нема копнена граница со Русија и се наоѓа на околу 2.400 километри од Иркутск, во понеделникот објави дека воведува мерки за карантин и контроли на граничните премини.
Сибирскиот вирусолог Александар Чепурнов изјави за Си-Ен-Ен дека се спроведуваат строги протоколи за да се спречи ширењето на болеста.
„По секоја сомнителна изложеност, вработените се обучени веднаш да пријават, да поминат низ деконтаминација и да се подложат на медицински преглед и изолација во посебен дел од објектот во текот на целото времетраење…“…извор на зараза“, рече Чепирнов.
Смртоносна болест што не се пренесува лесно
Анџела Расмусен, вирусолог во Организацијата за вакцини и заразни болести, изјави за Си-Ен-Ен дека иако пневмоничната чума е смртоносна, таа не се пренесува лесно; за да дојде до зараза, лицето мора да биде изложено на висока концентрација на бактерии. Во тој поглед, таа значително се разликува од другите респираторни инфекции, како што е ковид, истакна таа.
Таа додаде дека чумата е ендемска болест кај дивите животни во делови од Сибир.
Според официјалната веб-страница, Институтот за контрола на чума вработува околу 95 истражувачи и претставува клучна институција за јавно здравје, одговорна за следење и спречување на појава на високоризични бактериски и вирусни инфекции низ Сибир и рускиот Далечен Исток.
Шефот на соседната Република Бурјатија, Алексеј Циденов, претходно изјави дека вработениот починал „веројатно од чума“, но напомена дека во неговиот регион немало појава на болеста.
Пневмоничната чума е еден од трите типа на чума предизвикани од бактеријата *Yersinia pestis*. Другите два типа најчесто се шират преку заразени болви и други животни, или преку заразено ткиво.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
