Американската глумица Деми Мур проговори за губењето на „Оскарот“ за најдобра женска главна улога оваа година, не криејќи го разочарувањето… Имено, престижното филмско одличје, наместо нејзе, ѝ припадна на Мајки Медисон за „Анора“, потсеќа „Дејли мејл“ (Daily Mail).
Оваа година, Мур освои „Златен глобус“, „БАФТА“, како и „Наградата на здружението на филмски глумци (САГ)“ за нејзината улога во филмот „Супстанција“ (The Substance) во режија на Корали Фаржа. За таа улога следеа и претходеа десетици други признанија, но не и „Оскарот“.
Но, актерката, која е на почетокот од седмото десетлетие од својот живот, тврди дека и претходно веќе претчувствувала дека Медисон ќе победи, па дури и, како што вели, дека „му го шепнала тоа“ на филмскиот продуцент Џејсон Вајнберг.
– Не знам зошто, но го знаев тоа. Бев потполно смирена и прибрана. Не бев уништена. Не чувствував ништо од тие тешки емоции. Само имав верба, и сè уште имам, во сѐ што и допрва ќе се случи – изјави Мур.
Таа досега не е наградена со ниту еден „Оскар“, а овогодишната ѝ е единствена номинација во кариерата.
– Секако дека физичкиот, човечки дел од мене кој има его, се чувствува разочаран. Ќе беше навистина прекрасно да победев – призна Мур.
Наредните месеци, Деми, на снимањето во Тексас ќе ја повтори улогата во втората сезона на „Лендмен“ (Landman). Нејзината помлада колешка, пак, „оскаровката“ Медисон допрва треба да објави нови проекти, а неодамна ја одби главната улога во новиот филм „Војна на ѕвездите“ во режија на Шон Леви, во којшто главната улога ќе ја глуми Рајан Гослинг.