Еден од најпознатите фустани на принцезата Дијана повторно ќе се најде на аукција. Црниот фустан што таа го носеше во 1994 година, вечерта кога тогашниот принц Чарлс јавно призна дека ѝ бил неверен, на 9 декември ќе биде понуден на аукција на „Сотби“ во Њујорк. Проценката е меѓу 150.000 и 300.000 долари.
Дијана го облекла фустанот на 29 јуни 1994 година за свеченоста во галеријата „Серпентин“ во Лондон. Само неколку часа претходно било емитувано телевизиското интервју во кое Чарлс зборуваше за својот брак со Дијана и призна дека бил неверен. Иако тие веќе беа разделени, неговото телевизиско признание предизвика огромно внимание.
Фустанот го дизајнираше грчката дизајнерка Кристина Стамболијан. Дијана првично планирала да носи фустан од „Валентино“, но откако дизајнот бил објавен во јавноста, во последен момент се предомислила и го избрала краткиот црн модел со голи раменици, кој столе во нејзиниот гардеробер околу три години, бидејќи претходно сметала дека е премногу смел.
Следниот ден фотографиите од Дијана во црно беа на насловните страници, а фустанот подоцна го доби прекарот „одмазднички фустан“. Терминот „revenge dress“ со текот на годините стана дел од модниот речник, а токму овој фустан се смета за најпознат пример. „Сотби“ денес го опишува како парче чијашто важност одамна ја надминува модата и е дел од културната историја.
На социјалните мрежи многумина веднаш ја спомнаа Ким Кардашијан, позната колекционерка на предмети што им припаѓале на славни личности.
– Ким Кардашијан е на пат – напиша еден корисник, потсетувајќи на нејзината колекција вредни предмети, меѓу кои се и шеширот на Мајкл Џексон од периодот на песната „Smooth Criminal“ и познатиот крст „Аталах“ на Дијана.
Токму затоа, по најавата дека легендарниот фустан повторно оди на продажба, вниманието се сврте кон Кардашијан.
Фустанот инаку за првпат бил продаден во 1997 година, кога самата Дијана понудила 79 свои фустани на хуманитарна аукција за собирање средства за организации што се занимавале со рак и СИДА. Тогаш „одмаздничкиот фустан“ бил продаден за околу 65.000 долари и оттогаш бил во сопственост на истото семејство.
Пред декемвриската аукција, фустанот ќе биде изложен во Лондон од 18 до 24 септември, потоа во Хонгконг и Женева, а во почетокот на декември ќе пристигне во Њујорк. Дел од средствата од продажбата ќе биде наменет за „NHS Lothian Charity“ во корист на Кралската болница во Единбург.
Tagged as:
Дали Ким Кардашијан ќе му се намерачи на овој култен модел?
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
