Бочварски: Трипуновски им ги скрати парите и субвенциите на земјоделците, бараме оставка

Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на денешната собраниска седница за интерпелацијата на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, порача дека по две години владеење на ВМРО, земјоделството е во полоша состојба, а најголемите жртви се земјоделците кои останаа без ветената поддршка.
„ВМРО во програмата ветуваше 180 милиони евра годишно субвенции како директни плаќања кон земјоделците. Но денес во овој сектор речиси нема никакви резултати, напротив назадување во многу сегменти. Реалноста е нешто сосема спротивно од тоа коешто во програмата вие го предвидовте“, истакна Бочварски.
Тој посочи дека наместо ветеното зголемување на субвенциите, Владата предводена од ВМРО ги намалува средствата за земјоделците.
„Со ребалансот во 2025 година буџетот за субвенции е намален од 7,2 милијарди денари на 6,8 милијарди денари, а во буџетот за 2026 година дополнително се намалува на 6,3 милијарди денари. За две години буџетот за субвенции е намален за речиси 1 милијарда денари“, рече Бочварски.