Австралиската полиција заплени 2,7 тони кокаин скриени во подземен систем од скривници во западниот дел на Сиднеј, јави денеска Би-Би-Си, истакнувајќи дека ова е најголемата ваква операција во историјата на земјата.
Наркотиците, чија приближна пазарна вредност се проценува на 816 милиони австралиски долари (околу 500 милиони евра), биле откриени во петокот, скриени под двојни подови во три транспортни контејнери на имот во Лондондери.
Притоа се уапсени двајца мажи на возраст од 21 и 25 години, кои, како што се тврди, се обиделе да ѝ побегнат на полицијата. Тие се обвинети за поседување комерцијално количество нелегално увезена наркотична супстанција, која подлежи на гранична контрола. Полицијата тврди дека организирана криминална група го прошверцувала кокаинот во Австралија преку малото гратче Миџ Поинт во Северен Квинсленд.
На двајцата мажи им е одреден притвор по појавувањето пред судот во саботата и се соочуваат со доживотен затвор доколку бидат прогласени за виновни, наведува Би-Би-Си.
Полицијата соопшти дека акцијата на имотот во Лондондери е дел од „Операцијата Минцјан“, која била започната во мај, откако 40 килограми кокаин биле пронајдени како плутаат на вода во близина на рампа за чамци во Миџ Поинт. Во рамките на истрагата, минатата недела биле уапсени и обвинети уште шест лица во Квинсленд и во Нов Јужен Велс. На Соломонските Острови бил задржан и брод за кој се претпоставува дека служел како „матичен брод“ и се сомнева дека е дел од шверцерската операција.
И покрај својата оддалеченост, Австралија е профитабилен пазар за трговија со дрога, при што цената на кокаинот обично достигнува околу 300 австралиски долари за грам, покажуваат податоците на системот за мониторинг на нелегални супстанции при Универзитетот во Нов Јужен Велс.
Светскиот извештај на ОН за дроги за минатата година, исто така, нотира дека кај Австралијците и кај Новозеланѓаните се забележани највисоки стапки на употреба на кокаин во светот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
