– Мерилин едноставно е икона. Луѓето и денес ја сакаат и ја обожаваат, изјави Брајан Чејнс, виш директор на Холивуд и забава во „Херитиџ аукшнс“ (Heritage Auctions), за време на претставувањето на колекцијата.
Родена како Норма Џин Мортенсон во Лос Анџелес, 1926 година, Монро стана една од најпрепознатливите актерки, модели и пејачки на своето време. Симбол за гламурот и сексипилот на златната ера во Холивуд. Таа остана запаметена по својата платинесто руса коса, препознатливиот изглед и улогите што ја претворија во културна икона. Почина во 1962 година, на само 36-годишна возраст.
Аукциската куќа „Херитиџ аукшнс“ започнува јавно наддавање за предметите оставени во наследство на поетот Норман Ростен и неговата сопруга Хеда Ростен – блиски пријатели и доверливи личности на актерката.
Продажбата, закажана за 1 јуни, ќе се совпадне со стогодишнината од раѓањето на Монро и ќе опфати лични предмети од периодот меѓу 1955 и 1962 година, години што се сметаат за најзначајни и најтурбулентни во нејзиниот живот и кариерата.
Меѓу највпечатливите предмети што ќе бидат понудени на аукцијата се документи што никогаш досега не биле јавно објавени, а се однесуваат на приватниот и емотивниот живот на актерката. Документите откриваат детали за нејзините романтични врски, стравовите поврзани со изгубената бременост, како и нејзините размислувања за смртта и чувството на осаменост што ја следело низ годините.
– Ова е навистина нешто посебно, бидејќи не станува збор за материјал што со децении кружел меѓу колекционери и аукции. Ова е вистинско откритие – додаде Чејнс.
Од накитот што го носела Монро, па сè до уметничките дела што некогаш ги чувала во својот дом, колекцијата им нуди на купувачите редок и интимен поглед во нејзиниот внатрешен свет. Аукцијата вклучува и писма со нејзиниот поранешен сопруг (драматургот) Артур Милер кои ја откриваат емоционалната сложеност на нивниот брак. Но покрај љубовните писма пронајдено е и досега невидено писмо од психијатарот на Монро во кое детално се опишува денот пред нејзината смрт.
Чејнс како особено важно издвоил едно емотивно писмо од периодот кога Монро го снимала филмот „Некои го сакаат тоа жешко“ (Some Like It Hot).
За време на снимањето во хотелот Дел Коронадо, на парче хартија актерката напишала молба за помош, во момент кога нејзините внатрешни психички борби почнале сериозно да влијаат врз снимањето на филмот.
– Непосредно пред речиси да се предозира, поради што продукцијата морала привремено да го прекине снимањето, таа напишала: „Се чувствувам како да се давам“ – раскажа Чејнс.
– Во нејзините белешки јасно се чувствува таа длабока вознемиреност. Монро на истото парче хартија нацртала и едноставна скица од стапче потопено во вода, како симболичен повик за помош – објасни тој.
Скицата и белешките повторно го отвораат прашањето за проблемите со менталното здравје со кои актерката се соочувала во текот на своја кариера, зад блескавата јавна слика што со децении ја воодушевува публиката ширум светот.



