Американската држава Тенеси не успеа да ја погуби 50-годишната Криста Гејл Пајк, која беше осудена на смрт за убиство што го извршила на 18-годишна возраст.
На Пајк ѝ беа дадени две дози пентобарбитал, супстанца што Тенеси ја користи за смртоносни инјекции, за време на обидот за погубување, но таа преживеа. Потоа беше однесена од затвор во болница со брза помош. Нејзината состојба сè уште не е позната.
Новинарите кои беа сведоци на погубувањето рекоа дека Пајк била врзана за кревет во комората за погубување. Во еден момент, таа ја кренала главата и ги прашала затворските службеници дали раката треба да ѝ се чувствува така.
Втората доза пентобарбитал ѝ беше дадена во 20:26 часот по локално време. Пајк и 20 минути по втората доза сè уште можеше да се чуе како гласно рчи зад затворена завеса.
Микрофонот беше исклучен во 20:53 часот, а на новинарите им беше кажано да ја напуштат просторијата. Затворските службеници не беа во можност да објаснат што се случило во тој момент.
Нејзините адвокати поднесоа итни барања до судовите, барајќи казната веднаш да се прекине и таа да добие медицинска помош.
Според Информативниот центар за смртна казна, досега имало случаи каде што егзекуцијата не можела да се изврши поради проблеми со наоѓање вена, но не е познат претходен случај во кој осуденик останал жив откако лековите наменети за егзекуција веќе биле администрирани.
Пајк првично требаше да биде погубена во средата наутро. Федералниот апелационен суд ја одложи егзекуцијата еден час пред закажаното време за погубување, за да го разгледа аргументот на одбраната дека сексуалната злоупотреба и траумата што таа ги претрпела како дете не биле доволно земени в предвид при изрекувањето на пресудата.
Тенеси на ова поднесе жалба до Врховниот суд на САД, кој подоцна истиот ден го укина одложувањето на смртната казна и дозволи егзекуцијата да продолжи.
Доколку егзекуцијата беше успешна, Пајк ќе станеше првата жена погубена во Тенеси за повеќе од 200 години.
Пајк беше осудена за убиството на 19-годишната Колин Слемер во Ноксвил во 1995 година.
Пајк, тогаш 18-годишна, нејзиното 17-годишно момче Тадарил Шип и уште едно девојче ја намамиле Слемер во шумска област. Таму, Слемер била претепана и избодена, а на нејзините гради бил врежан пентаграм. Пајк ѝ ја згмечила главата со големо парче асфалт. Потоа ѝ отсекла дел од скалпот за да го ума како трофеј.
Обвинителите тврдеа дека Пајк ја сметала Слемер за соперничка за нејзиното момче. Пајк беше осудена на смрт. Шип имаше 17 години во времето на злосторството и затоа не можеше да добие смртна казна, па доби доживотна. Шадола Петерсон, сведочела против нив и добила условна казна.Пајк не го негираше убиството. Нејзините адвокати бараа нејзината казна да се замени во доживотен затвор без можност за условна слобода, наведувајќи ја нејзината возраст во времето на злосторството, тешкото детство, сексуалната злоупотреба и дијагнозите за биполарно растројство и посттрауматско стресно растројство.
По неуспешниот обид, гувернерот на Тенеси Бил Ли ги суспендираше сите други егзекуции во државата до крајот на годината и нареди независна проверка на она што се случило.
Ова е втор пат оваа година Тенеси да не успее да изврши егзекуција.
Во мај, државата се откажа од егзекуцијата на Тони Карутерс откако службениците повеќе од еден час не успеаја да вметнат интравенска линија потребна за администрирање на пентобарбитал.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
