Кога Рубија Даниелс првпат им кажа на своите пријатели дека купува шест куќи во Италија за по едно евро, тие помислија дека се шегува. Но, во 2019 година, оваа 51-годишна консултантка за урбанистичко планирање, која живее во Сан Франциско од 1996 година, всушност го направи тоа – таа купи шест дотраени куќи во Мусомели, стар град на рид во Сицилија, преку локална иницијатива насочена кон оживување на напуштени имоти, објави „NYP“.
Секако, постоел „трик“ со овие куќи: тие биле во различни фази на распаѓање – некои без покриви, без основна инфраструктура.
– Спакував шест куфери со алатки и генератор – се присети Даниелс.
Таа отпатувала во Италија со својот сопруг и братучед за да ги преземе куќите, откако потрошила вкупно околу 22.500 евра за административни и агенциски трошоци.
И покрај лошата состојба, Даниелс, која работи како консултант за просторно планирање повеќе од 16 години, била целосно опуштена.
– Природно е за мене да преобликувам простори и да уривам ѕидови. На пример, мојот сопруг паничи кога ме гледа како мерам проекти како овој, но за мене тоа е само комбинација од возбуда и радост – рече таа.
Првата куќа, која беше целосно срушена, сега е целосно реновирана.
– Куќата има прекрасна мермерна спална соба – рече таа. Реновирањето ја чинеше околу 56.500 евра, а таа се надева дека нема да мора да прави ништо во следните 50 години.
Не станува збор само за цените, туку и за начинот на живот
Нејзината визија не запира само на едносемејни куќи – една од шесте куќи ќе биде претворена во центар за јога и медитација.
– Би било убаво да се врати нешто на заедницата на овој начин – рече таа.
Таа користела локални занаетчии за декорација – од мијалникот до подовите, сè било купено во Мусомели.
– Сакавме сè да направиме во заедницата и со заедницата каде што ги купивме имотите. Обожаваме да бидеме тука, многу е поубаво отколку во Калифорнија – објасни таа.
Она што ја привлече кај Мусомели не беа само ниските цени, туку и самиот начин на живот.
– Никој не брза, сè е прифатливо. Кафе и кроасан чинат 1,50 евра. Во Калифорнија, сè е површно и стресно – рече таа.
Сега нејзините две тетки, на возраст од 70 и 82 години, планираат трајно да се преселат во овој сицилијански град на рид.
Иако нејзиниот потфат првично предизвика чудење кај пријателите во САД, некогаш заборавениот Мусомели сега привлекува внимание низ целиот свет.
– Во моментов најмалку 30 луѓе размислуваат да купат куќа – рече таа, објаснувајќи колку популарна станала иницијативата.
За Рубија, причината зошто дошла таму била јасна уште од самиот почеток.
– Куќата ја добивате практично бесплатно, а можете да ја претворите во што сакате – вели таа.