Децата и младите не се во целост заштитени и има многу повеќе што да се направи и во однос на семејството и институциите во државата за што треба поголема будност, следење на состојбата на промените во однесувањето на децата и младите со цел рана детекција и превенција на насилството, покажува годишниот извештај на СОС-линијата +389 70 390 632 за деца и млади „Ало, бушавко“ за 2025 година – истакна денеска на прес-конференција Жарко Змијанац, в.д. оперативен директор на Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Операторката на линијата во 2025 година, Мила Дамјановска, рече дека имале 284 дојави, кои биле примени преку разни канали на комуникација, од кои 227 биле на телефон, 22 биле преку СМС-пораки, 15 преку имејл, а 3,5 отсто биле на „Вибер“. За најголемиот број дојави, односно 30 отсто (83 дојави), како главна причина било наведено менталното здравје, односно станувало збор за страв од вознемиреност, како и самоубиствени мисли и обиди за самоубиствo, кои беа најчести во категоријата, и имаа по 19 случаи.
– Многу е загрижувачки што имавме дојави од 19 деца што имале самоубиствени мисли или се обиделе да си го одземат животот. Ова е аларм за целото општество и укажува на потреба од навремена реакција, континуирана поддршка, поголемо внимание на психичката состојба на децата и младите. Кај вакви случаи треба да интервенираат училиштата, родителите и луѓето кои се најчесто со децата и може да ги препознаат тие симптоми кога детето не се однесува исто и тоа може да биде губење интерес за секојдневните активности, изолирање, страв, тага или да изразуваат безнадежност. Ова се првите знаци што треба да ги препознаат возрасните и да интервенираат и да им дадат простор за да си ги кажат проблемите и она што ги мачи – рече Дамјановска.
Од вкупниот број дојави, 64 биле за семејните односи, од кои 48 се однесуваат на односите со родителите и станувало збор за случаи во кои родителите имале конфликт со своите деца или родителите се во бракоразводна постапка, 57 биле за повреди, од кои 22 биле физичко насилство, девет биле за негрижа на родителите кон децата, а осум биле за булинг. Од вкупниот број дојави, 39 бил за пристапност до образование, социо-економски потреби и какво било право што на детето му е гарантирано, а не може да го добие, а 18 се за училишна средина, кои се однесуваат на проблеми со материјалот во училиштето, односи со училишниот кадар или меѓуврснички односи…
– Имаше 172 дојави од Македонци, 19 од Албанци, 11 од Роми, а за 79 лица не ја кажале националноста. Имаше рамномерна застапеност меѓу момчиња и девојчиња. Момчињата имаат 108 (39 проценти), а девојчињата 102 (36 проценти), а за 68 не бил познат полот бидејќи тие пратиле пораки преку „Вибер“. Меѓу оние што се јавуваа на линијата најчесто беа на возраст од 10 до 12 години (38 дојави), од 13 до 15 години (33 дојави) и од седум до девет години (27 дојави). За машките од седум до 15 години најчесто се јавувале нивните родители, а девојчињата повеќе се јавуваа сами, и тоа на возраст од 13 до 25 години. Имавме дојави од деца што се од ранливи групи, на кои им дадовме поддршка – поочи Дамјановска.
Експертот за психосоцијална поддршка на деца, Јорданка Черепналкова-Трајкоска, рече дека најчестата причина поради која децата се јавуваат е менталното здравје, кое, според неа, треба да биде системски приоритет, не само на психолозите, туку и на целото општество.
Таа рече дека кога детето е изложено на онлајн-понижување, не само што доживува напад туку го губи и чувството дека припаѓа некаде, не може да се смести, да најде безбеден простор, а тоа доведува до анксиозност, социјално повлекување, намалена самодоверба, а во некои случаи и до самоубиствени мисли.
– Дигиталното насилство треба да се третира како и физичкото насилство. Образованието мора да вклучува емоционална и дигитална писменост и најважно – треба да создаваме возрасни што слушаат со разбирање – додаде Черепналкова-Трајкоска.
Активна е и европската СОС-линија 116 111, која е наменета за потребите на децата и младите, а телефонскиот број 070 390 632 ќе биде наменет за следење случаи што имаат континуирана поддршка и натамошно спроведување до институциите.
Презентацијата на извештајот се одржа во рамките на проектот „Безбеден интернет-простор за деца и млади“, поддржан од владата на Швајцарија преку „Цивика мобилитас“ – информираа од „Меѓаши“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
