Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, ја отфрли можноста за негово апсење, нарекувајќи ги таквите тврдења „глупави“. Во интервју за ТВ Пинк, тој изјави дека во моментов против него не се води никаква правна постапка, но исто така најави дека, доколку биде уапсен, ќе започне штрајк со глад – кој тој не би го преживеал.
Сепак, постојат неколку случаи што би можеле да покренат прашања за неговата кривична одговорност – од наводната употреба на звучно оружје за време на протест во Белград, па сè до уривањето на настрешницата во Нови Сад, пренесува „Дојче веле“.
Наводна употреба на звучен топ
Европскиот суд за човекови права побара од Владата на Србија да достави одговор до 15 јануари 2027 година во врска со наводната употреба на звучно оружје за време на протест во Белград на 15 март 2025 година.
Шест организации од граѓанското општество сметаат дека случајот треба да го преземе Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈТОК).
Петар Видосављевиќ од Белградскиот центар за човекови права истакнува дека е неопходно да се утврди не само дали било употребено звучно оружје, туку и кој можеби го испланирал и одобрил неговото распоредување, како и дали потоа имало организиран обид за прикривање на одговорноста.
Во зависност од наодите на истрагата, би можело да се разгледуваат потенцијални кривични дела – како што се тероризам, злоупотреба на службената положба и предизвикување општа опасност.
Александар Вучиќ во повеќе наврати ги отфрли тврдењата за употреба на звучно оружје. Сепак, Видосављевиќ предупредува дека лицата кои го негирале ова би можеле кривично да одговараат доколку се утврди дека оружјето навистина било употребено, а нивните изјави послужиле за прикривање на кривично дело.
Според британскиот весник „Гардијан“, Обвинителството за организиран криминал потврдило дека поседува докази за учеството на Вучиќ на состанок со претставници на институциите за заштита на културното наследство, на кој се разговарало за укинување на статусот на културно добро на зградите на Генералштабот во Белград. Поради овој случај, меѓу другото, на суд веќе се наоѓа министерот за култура во технички мандат, Никола Селаковиќ, кому му се заканува казна затвор до три години.
Обвинителството исто така потврди дека спроведува предистражна постапка со цел да се утврди можната кривична одговорност и на други лица.
Падот на настрешницата во Нови Сад
Истражната комисија, која се занимаваше со одговорноста за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, претходно изрази сомневање дека трагедијата е резултат на дејствување на организирана криминална група, со која, според нивните сознанија, можеби раководел Вучиќ.
Поранешната претседателка на Врховниот суд, Вида Петровиќ Шкеро, тврди дека од документацијата се гледа оти информациите за проектот биле доставени до кабинетот на тогашниот претседател.
Според неа, доколку се потврдат наводите, Вучиќ би можел да одговара за злоупотреба на службената положба.
„Претседателот нема овластување да раководи со вакви работи. Тоа е во надлежност на Владата, односно на институција како што е ’Железничка инфраструктура на Србија‘“, истакна таа, додавајќи дека е неопходно да се истражи и текот на парите.
Спорни помилувања и судењето на Дарко Шариќ
Прашањето за одговорноста на Вучиќ е отворено и поради помилувањето на 49 лица. Неформалната група „Одбрана на професијата“ побара од обвинителството да ја испита законитоста на таа одлука.
Петровиќ Шкеро смета дека поранешниот претседател би можел да одговара за злоупотреба на службените овластувања, доколку се утврди дека не ја испочитувал законската процедура.
Вниманието на јавноста го привлече и веста дека Вучиќ е повикан да сведочи на судењето на Дарко Шариќ, обвинет за перење пари стекнати преку шверц на кокаин.
Неговото сведочење е предложено, меѓу другото, поради пораките објавени во неделникот „Радар“, во кои, како што се верува, се споменува и поранешниот претседател на Србија.
Адвокатот на Шариќ побара изземање на судскиот совет, а одлуката по тоа барање сè уште се чека.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
