Мерките за купување стан со 20 отсто пониска цена од просечната или ослободување од комуналии за изградба на куќа за млади брачни парови до 35 години се прошируваат со можностa барем еден од брачните партнери да биде на возраст до 35 години, информираше премиерот Христијан Мицкоски.
На собраниската седница за пратенички прашања, одговарајќи на прашање на Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека двата специјални закона се во изработка и оти очекува во декември да бидат пред пратениците, а од следната година да почнат да се имплементираат.
Со првата мерка, брачен пар до 35 години или пар каде најмалку еден член е до 35 години, ќе се стекне со право да користи 20 отсто попуст на станбена површина споредено со просекот од претходната година за соодветната катастарска општина.
Мицкоски изнесе бројки од анализата на Агенцијата за катасар и недвижности за првите три квартали од оваа година.
– Во првите три квартали во катастарска општина Центар просечно квадратот се продавал по 1.915 евра. Толку има заведено катастарот. Дали градежните компании продавале по таа цена или не продавале, не знам, но толку стои во договорот и за толку платиле данок. Со 20 проценти попуст, квадратот ќе биде 1.530 евра. Следната година тој кој што ќе сака да добие дозвола за градба на станбена единица мора најпрво да оддели 10 отсто станбена површина за овие луѓе кои ги исполнуваат условите согласно законот – појасни Мицкоски.
Во Карпош просечната цена евидентирана во катастарот во првите три квартали е 1.386 евра за квадрат. Со попуст цената ќе биде 1.110 евра за квадрат. Во Охрид просекот бил 1.138 евра, а со попуст цената ќе биде 911 евра за квадрат. Во Струмица квадратот чини 751 евро, а со попуст ќе биде 601 евро. За Битола просекот во првите три квартали од оваа година е 525 евра квадрат, а со попуст цената ќе биде 420 евра. Во Кавадарци просекот е 795 евра квадрат, со попуст 636 евра. Во Гостивар просекот е 635 евра, со попуст ќе биде 508 евра. Во Тетово просекот е 785 евра, а со попуст ќе биде 627 евра, додека во Штип просекот е 810 евра, а со попуст ќе биде 648,5 евра за квадрат.
– Ова ќе бидат цените со кои што тие кои што ќе ги исполнуваат условите ќе можат да се стекнат со право да влезат во овој процес. Градежната компанија нема да може да добие дозвола за градба ако уште во процесот на урбанизација и проектирање не одвои најмалку 10 отсто од станбената површина, за оваа мерка за младите, со која што цениме дека тие ќе го решат своето најгорливо прашање, а тоа е домувањето – рече Мицкоски.
Во врска со втората мерка премиерот упати порака до ЗЕЛС и до градоначалниците да парцелизираат и да урбанизираат површина што потоа ќе се продава преку јавно наддавање на младите парови, и додаде дека ги советува почетната цена да биде едно евро за квадрат, а потоа и да бидат ослободени од комуналии ако градат куќа.
– Цениме дека овие две мерки ќе додадат вредност врз квалитетот на живот на младите и оти на овој начин ќе се отвори еден вид ривалитет од општина во општина кои што практично се обидуваат да привлечат што е можно повеќе брачни парови кои што ги исполнуваат овие услови. Ги повикувам и градоначалниците да размислат и дополнително да дадат попуст – истакна Мицкоски.
Тој посочи дека ќе го доразработат законското решение со Министерството за транспорт.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
