Од тајно фотографирање јапонски уред на саем до присвојување дел од американски робот за тестирање уреди. Ова се дел од случаите што обвинителите ги презентираа на судењето на кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“, кој вчера беше прогласен за виновен по 10 од 12 точки од обвинителниот акт во САД.
Според федералниот суд во Бруклин, кинескиот гигант исто така ги заобиколил американските санкции за Иран за да си овозможи трансфер на долари од и во таа земја.
Поротата ја прогласи компанијата за виновна за банкарски и електронски измами, кршење на санкциите против Иран и здружување со цел кражба на деловни тајни.
На судењето обвинителите презентираа низа случаи на наводна кражба на технологија од конкурентски компании во период од 2 децении.
Меѓу нив се програмскиот код за рутери на американската компанија „Сиско системс“ и технологијата за производство на антени на телекомуникациската компанија „Квинтел“.
Обвинителите тврдеа дека „Хуавеи“ ангажирал и професор за да дојде до електронска плочка развиена од компанијата за полупроводничка технологија „Си-некс“.
На поротниците им беше прикажана видеоснимка на која, според обвинителството, вработен во „Хуавеи“ става дел од робот на американската компанија „Т-мобил“ во својот ранец.
На судењето се говореше и за инженер на „Хуавеи“ кој тајно влегол на штандот на јапонската компанија „Фуџицу“ на саем за да фотографира еден од нејзините уреди.
Кривичната постапка против „Хуавеи“ беше покрената во 2018 година. Една година подоцна американската влада ја стави компанијата на трговската црна листа, ограничувајќи ѝ го пристапот до американската технологија.
Според обвинителството, кинеската компанија ги доведувала во заблуда банките ХСБЦ, „Стандард чартерд“ и БНП Париба во врска со своето работење во Иран. На тој начин ѝ било овозможено да префрла долари во и од Иран, прекршувајќи ги американските санкции.
Одбраната тврдеше дека банките знаеле за работењето на компанијата во Иран и меѓусебно се натпреварувале за деловна соработка со неа.
Од друга страна, „Хуавеи“ беше ослободен од обвиненијата кои се однесуваат за здружување со цел попречување на правдата и за дејствување како криминална организација.
Судењето траеше повеќе од 2 месеца. Обвинителството повика повеќе од 60 сведоци, додека одбраната повика 15. Федералната судијка Ен Донели ќе ја изрече казната на 14 септември 2027 година.
Адвокатот на „Хуавеи“, Брајан Хеберлиг, најави жалба. Тој смета дека ослободувањето од обвинението за дејствување како криминална организација може значително да влијае врз висината на казната.
Во декември 2018 година во Канада, по американски налог, беше уапсена Менг Ванџоу, финансиска директорка на „Хуавеи“ и ќерка на основачот на компанијата.
Нејзиното апсење предизвика дипломатска криза меѓу САД, Кина и Канада.
Менг речиси 3 години се бореше против екстрадицијата во САД. По постигнувањето спогодба за одложување на кривичното гонење, таа се врати в о Кина, каде што беше пречекана како хероина. Обвиненијата против неа подоцна беа отфрлени.
Менг не сведочеше на судењето, но сведочеше банкарот од ХСБЦ со кого се сретнала во 2013 година.
Според познавачите на индустријата, судскиот процес не му наштетил на работењето на „Хуавеи“. Компанијата го прошири својот бизнис и стана еден од клучните играчи во развојот на вештачката интелигенција во Кина.
„Хуавеи“ денес има повеќе од 200.000 вработени и работи во околу 170 земји.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
