Мексиканските безбедносни сили го уапсиле Фаусто Исидро Меза Флорес, познат како „Ел Чапо Исидро“, еден од десетте најбарани бегалци на американското Федерално истражно биро (ФБИ). Апсењето во градот Гвасаве, во сојузната држава Синалоа, предизвикало вооружени судири, блокади на патишта и палење возила, а бејзбол-натпревар бил прекинат додека навивачите бегале од трибините.
Мексиканското Министерство за одбрана ја потврдило акцијата, која била спроведена со учество на специјални единици на Националната гарда и Армијата, во координација со разузнавачките служби на мексиканската одбрана и на САД. Според податоците на мексиканските власти, Меза Флорес бил уапсен околу 19:50 часот на 20 ноември.
Заедно со него биле уапсени уште две лица – Герман „Н“, како и Серафин, кој се смета за втор човек во криминалната организација, и Хозе „Н“, за кого се наведува дека бил задолжен за финансиските операции на групата.
Меза Флорес е означен како лидер на криминалната организација „Белтран Лејва“, која е поврзана со фракцијата „Лос Мајос“ на картелот Синалоа. Организацијата е позната и како „Картелот Гвасаве“ и „Лос Масатлекос“.
По апсењето избувнале вооружени судири меѓу федералните безбедносни сили и вооружени лица. Во Гвасаве биле регистрирани пукотници, блокади на патишта и запалени возила, а во акцијата биле забележани и воени хеликоптери над градот.
Според мексиканските медиуми, насилството се проширило и во други општини, меѓу кои Ахоме, Гуамучил и Наволато. Властите активирале план за отстранување на блокадите и повторно воспоставување на сообраќајот, а на граѓаните им било препорачано да останат на безбедно и да ги избегнуваат погодените патишта.
Пукотниците го прекинале и бејзбол-натпреварот меѓу екипите „Алгодонерос де Гвасаве“ и „Венадос де Масатлан“, кој се играл на стадионот „Курода Парк“. Навивачите ги напуштиле трибините, а играчите побарале засолниште. Натпреварот бил прекинат, а телевизискиот пренос запрел.
„Ел Чапо Исидро“ беше меѓу десетте најбарани бегалци на ФБИ, а американските власти нудеа награда од пет милиони долари за информации што би довеле до негово апсење. Во февруари 2025 година бил вклучен на листата на најбарани лица на американското биро.
Американските власти го обвинуваат дека предводел организација за меѓународна трговија со дрога, вклучително и хероин, метамфетамин, кокаин, фентанил и марихуана. Против него во Мексико имало налог за апсење за организиран криминал и кривични дела поврзани со наркотични средства, а САД имале и барање за негова екстрадиција.
Неговата организација со години дејствувала во северниот дел на Синалоа, а американското Министерство за финансии претходно ја поврзувало со насилни судири за контрола на територии со ривалски криминални групи. Меза Флорес ја зацврстил својата позиција по распадот на соработката меѓу групата „Белтран Лејва“ и картелот Синалоа во 2008 година.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
