Неонацистичка организација што се нарекувала „Кју-клукс-клан – Дивизија Пловдив“ е разбиена во соседна Бугарија. Полицијата открила група со строга хиерархија, насилни ритуали и идеологија заснована врз расна омраза.
Против 11 лица се поднесени обвиненија, меѓу кои и против 4 малолетници на возраст од 16 и 17 години.
Организацијата била откриена при истрагата за убиството на 37-годишниот Георги Кузев, кој на 4 август бил убиен на Младинскиот рид во Пловдив.
Според „Новините“, двајца од обвинетите за убиството покажувале интерес за приклучување кон екстремистичките организации „Кју-клукс-клан“ и „Крв и чест“.
Обвинителството не утврдило дека тие биле членови на групите или дека организациите учествувале во убиството.
Бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) соопшти дека организацијата ја предводел 32-годишен невработен маж со иницијали Н.Ч.
Според обвинението, тој раководел со групата од јануари 2025 до 16 ноември 2026 година.
Нејзините членови ширеле расистички идеи и поттикнувале дискриминација, омраза и насилство врз основа на етничка припадност, раса и сексуална ориентација.
Истрагата открила дека организацијата имала посебни правила за прием, строга хиерархија и затворени канали за комуникација.
Новите членови биле физички напаѓани од поискусните припадници за да ја докажат својата лојалност кон групата.
Членовите користеле нацистички поздрави и шифрирани зборови поврзани со Хитлер, пишува бугарска Нова. Носеле војнички чизми, маскирна облека и тетоважи со екстремистички симболи.
Состаноците ги одржувале во ресторани и барови во близина на Младинскиот рид, додека комуникацијата ја воделе преку затворени интернет-групи.
Истражителите откриле и докази за расистички напади врз странски државјани.
Некои жртви биле вербално навредувани, додека други претрпеле физичко насилство. Дел од нападите не биле пријавени во полиција.
Според обвинителката Анелија Трифонова, водачот имал и изразено непријателски став кон жените, кои ги сметал за помалку вредни од мажите.
Тој собирал пари од членовите за наводно изнајмување простории и изработка на маици. Малолетниците плаќале по 15 или 30 евра, зависно од финансиските можности.
Полицијата извршила претреси на 14 адреси во Пловдив и во Раковски.
Запленети се книги, тетратки, значки, мобилни телефони, маски, свастики и облека со екстремистички симболи.
На една од локациите било пронајдено и знамето на пловдивската организација, како и материјали со упатства за изработка на запаливи смеси.
На 32-годишниот водач му се заканува затворска казна од 1 до 6 години. Обвинителството побарало негово задржување во притвор.
Другите полнолетни обвинети се пуштени со кауција од по 1.000 евра, додека малолетниците се ставени под надзор на надлежните служби.
Истражителите утврдиле дека пловдивската група имала построга хиерархија и посложени ритуали од организацијата „Крв и чест“.
Двете организации не дејствувале заеднички. Нивните водачи биле во конфликт и се обидувале меѓусебно да си преземаат членови.
Tagged as:
Убиство разоткри мрачна неонацистичка организација
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
