Наоми Кембел, една од најпознатите манекенки во светот, на 28 ноември пристигнува во Босна и Херцеговина, но овојпат не поради модна ревија или фотографирање. Британската модна ѕвезда ќе биде главна гостинка на отворањето на новата скијачка сезона на Јахорина, каде што ќе настапи како диџеј.
Настанот „Ski Opening“ ќе почне во 22 часот, а организаторите најавуваат вечер со музика и забава. Деталите за нејзиното доаѓање ги откри Недељко Елек, претседател на Надзорниот одбор на Олимпискиот центар Јахорина, во разговор за „Независне новине“.
Според најавата, Кембел ќе се качи со гондола до врвот на планината, каде што ќе одржи прес-конференција. Таму ќе биде поставен и луксузен шатор во кој ќе го има својот музички настап, а пред присутните ќе одржи и говор.
Елек смета дека нејзиното гостување ќе биде значајна промоција за Јахорина, особено поради големиот број следбеници што ги има на Инстаграм – околу 15 милиони. Тој најави и дека за време на посетата на манекенката ќе ѝ бидат претставени домашни производи од Република Српска.
Иако со децении е препознатлива по модните писти и соработките со најголемите светски модни куќи, Кембел во последно време гради и музичка кариера. Својот прв јавен настап како диџеј го имаше во март 2025 година, а во новиот предизвик ѝ помага диџејот Чарлс Принс.
Оттогаш настапувала на ексклузивни настани во Дубаи, Париз, Минхен и Азербејџан, а меѓу нејзините понови ангажмани е и настапот за време на Неделата на модата во Милано во септември годинава.
За организацијата на отворањето на сезоната се задолжени компаниите SKI Fenix и Travel 4Fun. Влезниците се продаваат преку платформата ulaznica.org, а организаторите очекуваат настанот да привлече посетители од регионот и пошироко.
Јахорина, планина во близина на Сараево, беше домаќин на женските алпски скијачки натпревари на Зимските олимписки игри во 1984 година. Оваа година скијачката сезона таму ќе биде отворена порано од минатата, кога првите скијачи ги дочека на 11 декември.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
