Повторно драматично се влошува безбедносната состојба на Блискиот Исток, со проширување на воените дејствија меѓу Иран и САД и нови ирански напади врз земјите од Персискиот Залив.
Иран во последните денови ги засили нападите со беспилотни летала и со ракети врз американските воени инсталации во регионот, односно, врз цели во Бахреин и во Кувајт. Во средата, на 18 ноември, иранските сили повторно нападнаа американска воздухопловна база во Кувајт, додека Бахреин соопшти дека неговата противвоздушна одбрана пресретнала нови воздушни закани.
Според американските и регионалните извештаи, цел на иранските напади биле американските воени системи во Бахреин, каде што се наоѓа седиштето на Петтата флота на американската морнарица. Иранската револуционерна гарда претходно соопшти дека нападнала и американски радарски систем во базата Шеик Иса.
Бахреин потврди дека пресретнал напад, но не пријави жртви или поголема материјална штета. Кувајт, пак, соопшти дека неговата противвоздушна одбрана пресретнала беспилотни летала насочени кон воената база Али ал Салем.
Загрижувачка е и ситуацијата во Ормускиот Теснец, каде во последните денови се интензивирани нападите врз комерцијалните бродови и танкерите што минуваат низ овој теснец. Според британската агенција за поморска безбедност УКМТО, во понеделникот се пријавени два напада врз танкери, при што на бродовите избувнале пожари во машинските простории.
Иранската морнарица тврди дека уште неколку танкери се запалиле откако удриле во морски мини, но овие тврдења не се независно потврдени.
Најновиот инцидент е регистриран во вторникот, а за него на 18 ноември извести Ројтерс. Нападнат е брод поврзан со компанијата АДНОК од Обединетите Арапски Емирати. Еден член на екипажот се води како исчезнат, а 11 лица се повредени. Оманските спасувачки служби успеале да евакуираат 24 членови на екипажот од танкерот „Тара Гас“, додека потрагата по исчезнатиот продолжила. Според Ројтерс, овој месец нагло порасна бројот на нападите врз танкерите во Ормускиот Теснец.
Во регионот истовремено се концентрира огромна американска воена сила. САД сега имаат распоредени 3 носачи на авиони во зоната на одговорност на Централната команда. На носачите „УСС Џорџ Х.В. Буш“ и „УСС Џорџ Вашингтон“ деновиве им се приклучи и „УСС Теодор Рузвелт“. Според американските извештаи, со овие поморски сили се распоредени и повеќе разурнувачи, крстосувачи и дополнителни војници.
Дополнителна загриженост предизвика и заканата од Техеран дека евентуалните нови американски напади врз Иран би можеле да предизвикаат одмазда далеку надвор од Блискиот Исток. Иранскиот безбедносен функционер Мохсен Резаи на 11 ноември изјави дека Техеран би можел да ги нападне и американските воени бази во Европа доколку од нив полетаат американски авиони за операции против Иран. Тој предупреди дека и базите во европските држави би можеле да станат легитимна цел во такво сценарио.
Началникот на иранската армија, Амир Хатами, по повод пристигнувањето и на третиот американски носач на авиони рече дека иранските вооружени сили внимателно ги следат движењата на странските сили. Тој рече дека Иран ќе одговори „уште поразорно“ на секој „погрешен потег од страна на Соединетите Американски Држави и нивните поддржувачи“ и додаде дека Техеран ќе „им одржи лекција“ што ќе служи како предупредување за другите, јави новинската агенција Фарс.
И покрај дипломатските напори за смирување на ситуацијата, најновите случувања покажуваат дека судирот меѓу Вашингтон и Техеран влегува во нова опасна фаза. Американските воени засилувања, иранските одмазднички напади и сè почестите инциденти во Ормускиот Теснец ја зголемуваат опасноста од поширока регионална војна, со последици што би можеле да се почувствуваат и далеку надвор од Блискиот Исток.
Tagged as:
Горат танкери во Ормускиот Теснец САД се засилуваат Техеран се заканува
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
