Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, денеска се сретнаа во Шенжен, на почетокот на дводневниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК). Американскиот претседател Доналд Трамп треба да пристигне во текот на денот во овој град во југоисточна Кина, во пресрет на нивната историска трилатерална средба, планирана за утре.
Кремљ оцени дека трилатералниот самит на Путин, Си и Трамп ќе биде „настан што ќе го привлече вниманието на целата светска јавност“.
Пред трилатералната средба, Си и Путин разговараа на маргините на самитот АПЕК.
Уредникот на Би-Би-Си за Русија, Стив Розенберг, потсетува дека двајцата лидери тоа го направиле многупати досега.
– Стар мој пријателу, симболично е што ова е наша 50. средба лице в лице – му рекол Си на Путин, додавајќи дека односите меѓу Русија и Кина „носат поголема стабилност и безбедност во турбулентниот и хаотичен свет“.
Руската новинска агенција „ТАСС“ објави дека разговорите меѓу Си и Путин завршиле по повеќе од два часа. Меѓу темите за кои разговарале двете делегации биле и „перспективите за натамошна економска соработка меѓу Русија и Кина“.
Во транскриптот од воведните обраќања на Си и Путин, објавен од Кремљ, двајцата лидери ги пофалиле билатералните односи и истакнале дека ова е нивна трета средба во живо само годинава.
Си ги повикал двете земји „стабилно и храбро да продолжат напред, постојано откривајќи го огромниот потенцијал на билатералните односи“.
Путин го истакнал растот на трговската размена меѓу двете земји и нивниот „суштински дијалог во областа на научните истражувања и иновациите“.
Розенберг потсетува дека западните лидери токму Русија ја обвинуваат за предизвикување нестабилност и турбуленции во светот поради војната што ја води против Украина. Од Пекинг, кој е клучен сојузник на Москва, меѓутоа, не доаѓаат такви јавни критики.
Путин изјавил дека очекува трилатералната средба со Си и Трамп да донесе „голема потенцијална корист“.
Руските медиуми веќе ја слават „дипломатската победа“ на Путин.
Би-Би-Си наведува дека средбата веќе му оди во прилог на рускиот лидер.
Некои руски весници утрешниот мини-самит го нарекле „дипломатска победа“ за Путин, и тоа од едноставна причина, затоа што таква средба воопшто се одржува.
Британскиот јавен сервис потсетува дека во 2022 година, по почетокот на руската целосна инвазија врз Украина, Путин во голема мера беше изолиран од меѓународната заедница, додека западните лидери се обидуваа да го отстранат од меѓународната дипломатска сцена.
Сега, во 2026 година, тој ќе седне на иста маса со лидерите на двете големи светски сили.
Се наведува дека, без оглед на тоа какви конкретни резултати ќе донесе или нема да донесе трилатералната средба, таа го симболизира крајот на долгото дипломатско патување на рускиот лидер, до кое стигнал без да мора да направи какви било отстапки во врска со Украина.
Притоа се потсетува дека Москва и натаму одбива да прифати сеопфатен прекин на огнот и продолжува да ја води војната против соседната земја.
Би-Би-Си наведува дека воздушниот сообраќај на релацијата Манила – Шенжен денеска ќе биде исклучително густ поради преклопувањето на два големи азиски самита на кои учествуваат лидери од целиот свет.
Трамп моментално е во Манила, каде што присуствуваше на завршницата на самитот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН). По неговото завршување, тој ќе отпатува за Кина на самитот АПЕК.
И голем број други светски лидери исто така се префрлаат од самитот АСЕАН на самитот АПЕК.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе веќе пристигнал во Шенжен. Се очекува и доаѓањето на јапонската премиерка Санае Такаичи, како и на тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул, кој вчера во Манила потпиша трговски договор со Трамп.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
