Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон ги заменија вообичаените кралски автомобили со локалниот јавен превоз и електрично возило-рикша, за време на посетата на Мумбај.
Вилијам седна зад воланот на електричната рикша, додека Кејт се возеше на задното седиште. Тие се провозија по крајбрежното шеталиште кај мостот Бандра-Ворли, пред средбата со 15-те финалисти на еколошката награда „Earthshot Prize“ за 2026 година.
Електричната рикша ја произведува индиската компанија „Mahindra Last Mile Mobility“, која е меѓу финалистите за овогодишната награда. Возилото е украсено со боите и логото на „Earthshot Prize“, а Вилијам по возењето се пошегувал дека не го оштетил. Тој го опишал искуството како забавно, додавајќи дека возилото е тивко и лесно за управување. Кејт, пак, рекла дека на задното седиште било многу удобно.
Ден претходно, кралската двојка се возеше и со метрото во Мумбај. Тие се качија на станицата „Vidhan Bhavan“ и патуваа до „Bandra-Kurla Complex“ со линијата 3, позната како „Aqua Line“, првиот подземен метро-коридор во градот. Со тоа добија можност одблизу да го видат современиот систем на јавен превоз и неговата улога во развојот на поодржлив урбан транспорт.
Посетата на Мумбај започна оваа недела (16.11) со многу поинакво искуство – уличен крикет со ученици, на кој им се придружи и легендарниот индиски играч на крикет, Сачин Тендулкар. Вилијам и Кејт ја испробаа популарната локална игра, а пробаа и традиционален чај, познат како „cutting chai“, послужен во мали глинени чаши. Подоцна се сретнаа и со луѓе од различни области на индиското општество, а вечерта присуствуваа на собирот „Earthshot Prize Impact Assembly“.
Главната причина за нивната посета е шестото доделување на наградите „Earthshot Prize“, основани од Вилијам во 2020 година за поддршка на иновативни решенија за најголемите еколошки предизвици. На овогодишната листа има 15 финалисти, а петте победници ќе добијат по еден милион фунти за да ги развијат и прошират своите проекти. Меѓу финалистите се и две индиски организации, посветени на подобрување на достапноста на домувањето и развојот на почист урбан транспорт.
Тридневната посета на Индија ќе заврши во Њу Делхи. По настаните во Мумбај и доделувањето на наградите, во среда, 18 ноември, Вилијам и Кејт треба да се сретнат со индискиот премиер Нарендра Моди. Ова е нивна втора официјална посета на Индија, по заедничкото патување во април 2016 година.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
