Background

Сиљановска Давкова бара итни мерки кои ќе го спречат насилството врз жените

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оцени дека е неопходно итно преземање заеднички активности за справување со родово базираното насилство нагласувајќи дека досегашните законски измени и институционални мерки не дале доволно резултати.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побара од претседателот на Собранието на дневен ред да се стави законско решение за заштита на жените од родово базирано насилство за кое опозицијата тврди дека од август стои во фиока, таа рече дека проблемот бара поширок општествен и институционален пристап.

– Најнеопходно е првин да седнеме сите заедно, јас сум спремна тоа да го организирам. Значи, оние што ги менуваат законите, пратениците и пратеничките пред сè, невладиниот сектор, експертите, добредојдени се и малкуте жени во власта. Мислам дека под итно треба да преземеме чекори и да се обидеме, многу тешко е, оти ова стана како епидемија – изјави Сиљановска Давкова по настанот во Собрание по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија.

- Advertisement -
Ad image

Таа посочи дека и покрај измените во Кривичниот законик, законите поврзани со Истанбулската конвенција и бројните средби меѓу институциите, невладиниот сектор и експертската јавност, насилството врз жените не се намалува.

– Човек кога гледа дека покрај измените што ги направивме во Кривичниот законик, покрај донесувањето на законите против дискриминација врзани за Истанбулската конвенција, покрај не знам колкуте средби меѓусебни меѓу пратенички, невладиниот сектор, експертки, како да не се намалува за жал темпото на загрозување, на непочитување на женскиот живот. Дури си велам да не треба самите да почнеме да се заштитуваме и што по мене во моментов е можеби најнеопходно – рече претседателката.

Како што нагласи Сиљановска Давкова, потребно е да се создаваат силни мрежи за поддршка на жените во сите институции, вклучително во судството, Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, Парламентот, Владата и граѓанскиот сектор.

– Дури ми паѓаат на ум некои бизарни идеи да почнеме можеби на Народната канцеларија да ги истакнуваме сликите на злоставувачите. Јас веќе не знам како да ја сензибилизираме јавноста. Таа е сензибилизирана, но проблемот е подлабок, многу подлабок е проблемот. Кога секој ден гледате војна во светот, така? Кога гледате како оние кои треба да ги бираат зборовите и тешките работи да ги кажуваат на убав начин, не го прават тоа, оти насилството понекогаш почнува од зборот. Зборот боли, зборот убива, зборот повредува. И ако „не“ на зборот нема одговор или ако нема укажување дека тоа не е во ред, тоа се шири секој ден и станува навистина нешто во што човек не може да верува – потенцира претсдателката.

Таа оцени дека насилството не е поврзано исклучиво со социјалниот статус, сиромаштијата или безнадежноста и оти кон него прибегнуваат и луѓе кои, како што рече, имаат исполнети животни услови.

– Особено мислев дека после смртта на едно дете ние ќе се освестиме, односно мажите ќе се освестат. Но затоа реков дека после многуте мерки што ги презедовме, се покажа дека не се доволни само нормативните решенија. Дека ние сè уште како да имаме трауматизирани мажи од патријархална политичка култура, дека има недоразбирање какво што е едно нелогично недоразбирање меѓу родители, меѓу луѓе во љубов. Тоа за мене е шокантно, да посакувате некој за кого тврдите дека го сакате, го почитувате, дека треба физички да го повредите, дека треба со збор да го повредите. Не е проблемот само женски, мене ми е јасно, но се чини дека ние треба сега да се обидеме да преземеме активности и тоа сите што ги наброивме да седнеме, да ги преиспитаме, да си поставиме точно некои планови и секојдневно да бидеме активни. Јас не гледам друго решение – истакна претседателката Сиљановска Давкова.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖