По случајот со кривично-правниот настан во Охрид постапува раководителот на Основното јавно обвинителство Охрид, Стојанче Арнаудов. Токму затоа јавно му го поставуваме прашањето што го поставуваат и граѓаните: по кои критериуми постапува обвинителството и зошто, според нашите сознанија, различни случаи добиваат толку различен третман? Пред еден месец, според наши сознанија, Арнаудов побарал и добил притвор од еден месец за лице кое му упатило вербални навреди на Кеј Македонија во Охрид. Сега, за осомничен за претепување девојка која е хоспитализирана со тешки телесни повреди и која тврди дека била онесвестена и фрлена од возило, обвинителството бара само одземање на патната исправа и јавување два пати неделно. Каква е таа правда, господине Арнаудов? Очекуваме јасен и јавен одговор дали постои објаснување за оваа разлика и дали обвинителскиот предмет ќе го води лице без никаква врска со ниту една од страните. Одговорот ќе го објавиме во целост. Како што најавивме во претходниот текст (Претепана 23-годишна девојка во Охрид од фитнес тренер, син на познати локални функционери), нов скандал го тресе Јавното обвинителство, а епилогот е токму оној од кој јавноста се плашеше. Основното јавно обвинителство Охрид, според информациите до кои дојдовме, за осомничениот Кристијан Корабоски, кој ја претепал својата девојка, побарало единствено две мерки: одземање на патната исправа и јавување кај овластено лице два пати неделно.
Јавноста со право се прашува дали за дело при кое жртвата е хоспитализирана со тешки телесни повреди таква мерка е соодветна, и како Јавното обвинителство предводено од Ненад Савевски ќе го објасни тоа пред граѓаните. Во извештаите на Европската комисија за Северна Македонија со години се повторуваат забелешки за независноста на правосудството, за политичкото влијание и за довербата на граѓаните во институциите. Овој случај е нов тест за таа доверба.
Затоа ги објавуваме целосните изјави на повредената и на нејзината мајка. Двете се пренесуваат како нивни исказ, без независна потврда од редакцијата.
Постапката се води за кривичното дело телесна повреда од член 130 став 2 од Кривичниот законик. Девојката била пронајдена онесвестена на улицата „7. Ноември“, пред маркетот „Тинекс“. Според првичните информации, осомничениот 31-годишник Кристијан Корабоски бил приведен откако полицијата го идентификувала возилото преку камери од системот „Сејф сити“ и од приватни објекти. Повредената е хоспитализирана.
До редакцијата, по објавувањето на нашиот текст, се јави оштетената, од болница, со барање за анонимност. Нејзината порака, преведена на кирилица, гласи:
„Здраво, овде С. Го користам телефонот моментално во болница од мајками. Би сакала да се надоврзам на статијата што ја имате напишано и да понудам уште некоја информација од прва рака. Не бев само тепана и малтретирана, туку еден период бев онесвестена и фрлена на задните седишта од неговата кола. Мислеле дека сум мртва и бараа решение за да се ослободат од телото, заедно со неговиот татко на телефон. Кога се разбудив, првото нешто што го слушнав беше: „Те молам, собери ги сите, да направиме некако да се прикрие нештото“. На што таткото му, како што разбрав, му рекол да ме фрли во некоја провалија. Јас се разбудив и го слушнав тоа, го грабнав телефонот и барав помош и од таткото, односно ги молев и двајцата. Затоа ме исфрлија на улица кај „Тинекс“.“
(Редакцијата интервенираше само во правописот )
Во недела вечерта на Фејсбук се огласи и мајката на Сара, Ирена Ѓорѓиеска, со објава која ја пренесуваме во целост:
„Како мајка и родител, чувствувам потреба јавно да се обратам во името на мојата ќерка Сара, која сè уште се наоѓа во болница. Таа, наместо да се грижи за своето здравје и закрепнување, живее во страв и неизвесност за сопствената безбедност. Дополнителна вознемиреност и страв предизвикува фактот што маминото синче кое е виновно за се ова синоќа бил пуштен на слобода, тој е син на Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), предложена на таа функција од ВМРО-ДПМНЕ, и на Гоце Корабоски, инспектор во УЈП, за кого се зборува дека има блиски релации со Мицкоски.
Маминото синче постојано се фалело дека, без оглед на тоа што ќе се случи, неговите родители се доволно моќни за „да средат“ сè.
Она што дополнително ја прави целата ситуација уште пострашна се околностите поврзани со постапувањето на неговиот татко. Во моментот кога мојата ќерка била во бессознание, Кристијан, мислејќи дека таа е мртва, стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело.
Неговиот татко му давал насоки како да се ослободи од телото на мојата ќерка.
Пред сето тоа, нејзиниот телефон бил намерно искршен, со што ѝ била одземена можноста да повика помош и да побара спас.
„Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“
Ова се зборови кои Сара ги слушнала во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба.
Во целата оваа ситуација се споменува и неговата тетка, мајка на две ќерки, која, контактирала со болницата во која моментално е сместена Сара, со цел да се влијае врз медицинскиот извештај и да се ублажи сериозноста на повредите, како Сара да била само малку изгребана.
Навистина е поразително особено кога станува збор за жена која и самата е мајка на две ќерки.
Посебно загрижувачки се и постапките на лицата од неговото опкружување, кои одбивале да ја однесат во болница, иако таа самата ги молела за помош. Наместо да покажат минимум човечност и да ѝ помогнат на повредена девојка, тие одбиле да реагираат.
Уште пострашно е сведочењето дека во тој момент Кристијан побарал нож и сакал да ја „докрајчи“.
Најголемата среќа во целата оваа трагедија е што Сара дошла при свест пред напаѓачот да успее да ја однесе и да ја фрли во некоја провалија. Токму затоа, кога сфатил дека таа се освестила, ја фрлил на улица.
До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“
Двете изјави се совпаѓаат во клучното: разговорот за „прикривање“ и ослободување од телото, спомнувањето на „провалија“ и тврдењето дека девојката дошла при свест и била исфрлена кај „Тинекс“. Мајката додава наводи кои Сара во својата порака до нас не ги спомнува: искршениот телефон, барањето нож, притисокот врз болницата и одбивањето на лицата од опкружувањето да ѝ помогнат. Овие нови наводи за сега се единствено исказ на мајката.
До редакцијата пристигнуваат и нови информации кои не можеме да ги потврдиме. Според нив, родителите на осомничениот го однеле сина си во нервното оддление, за да прикажат дека тој бил малтретиран од Сара. Ги повикуваме осомничениот, неговото семејство и адвокатот да ги потврдат или отфрлат овие тврдења, а нивниот одговор ќе го објавиме во целост.
Една млада жена беше тепана и оставена на улица во бесознание, а државата, ако наводите од јавноста се точни, на осомничениот му одговара со јавување два пати неделно. Од Републичкото јавно обвинителство бараме јавно да одговори на прашањата погоре и да обезбеди доказите во случајот да не бидат изгубени. На сите жртви на насилство им должиме доказ дека системот е на нивна страна.
Редакцијата им испрати прашања на Основното јавно обвинителство Охрид и на Јавното обвинителство на РСМ и останува на располагање за ставови на осомничениот, неговите родители и бранител, како и на болницата. Сите одговори ќе бидат објавени во целост.
Tagged as:
дкск зошто Корабоски е на слобода изјава на жртвата изјава на мајката Ирена Ѓорѓиеска Ирена Ѓорѓиеска изјава јавување два пати неделно Кристијан Корабоски Локално Љубинка Корабоска Љубинка Корабоска син мерка јавување два пати неделно насилство врз жена Охрид насилство врз жени Ненад Савевски Ненад Савевски обвинителство одземање патна исправа Основно јавно обвинителство Охрид Охрид вести Охрид хроника Охридско јавно обвинителство Охридско јавно обвинителство скандал правосудство Македонија Сара Охрид Сејф сити Охрид скандал обвинителство Охрид ТАГОВИ ЗА ПОРТАЛОТ претепана девојка Охрид телесна повреда член 130 Тинекс Охрид Топ вести УЈП инспектор
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
