На жените во Авганистан сè потешко им е да добијат медицинска помош поради неофицијалната забрана на талибанските власти машките лекари да прегледуваат и лекуваат пациентки. Тоа ги доведува во апсурдни и опасни ситуации, објавува авганистанскиот портал „Zan Times“.
Според сведоштвата на пациентки и лекари, забраната се спроведува во повеќе делови од земјата. Стоматолозите наведуваат дека талибанските безбедносни сили ги обиколуваат ординациите и им се закануваат на лекарите дека ќе бидат уапсени доколку затекнат жени меѓу пациентите, пренесува „The Guardian“.
Во повеќето провинции лекарите добиле инструкции да не прегледуваат жени и да не им укажуваат ниту итна медицинска помош, освен под посебни услови – на пример, ако е присутен машки член на семејството, односно старател (махрам), или ако е ангажирана медицинска сестра.
Една од пациентките, 37-годишната Фарида од Херат, во западен Авганистан, не успеала да ја заврши стоматолошката терапија откако од клиниката ѝ соопштиле дека машките стоматолози повеќе не смеат да лекуваат жени. Иако однапред ја платила терапијата, по неколку посети била известена дека лекувањето не може да продолжи.
Притисокот врз жените дополнително се зголемил по забраната за нивно школување на медицинските институти, воведена во декември 2024 година, како и по ограничувањата за вработување жени во здравствените установи.
Во некои провинции се воведени и дополнителни мерки. Во провинцијата Балх, на северот на земјата, на болниците и клиниките, според медиумските извештаи, им било наредено жените да не ги ословуваат по име, туку со титулата „биби“ – дури и на медицинските рецепти.
Жените мора да патуваат стотици километри за да најдат лекар или да се откажат од лекувањето
Лекарите предупредуваат дека им е забрането непосредно да ги прегледуваат пациентките, без оглед на сериозноста на нивната здравствена состојба. Поради тоа, жените често се принудени да патуваат стотици километри за да најдат лекар што ќе ги прими или, во спротивно, да се откажат од лекувањето.
Овие практики се во спротивност со претходните тврдења на талибанските претставници дека машките лекари ќе бидат изземени од забраната кога станува збор за лекување жени.
Портпаролот на талибанското Министерство за комуникации, Хамдулах Номани, во февруари изјавил дека машките лекари ќе се сметаат за махрами на своите пациентки за време на лекувањето.
Сепак, сведоштвата на пациентките и медицинскиот персонал укажуваат дека ограничувањата и натаму се спроведуваат. Поради тоа, жените во Авганистан сè почесто мора да избираат меѓу ризикот да побараат медицинска помош, лекувањето кај недоволно квалификувани здравствени работници или животот со нелечени болести.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
