Background

Европските градови бараат целосна забрана за филтрите за цигари: „Една од најголемите измами во поновата историја“

Големи градови низ Европа ја повикуваат Европската унија да ја забрани продажбата на филтри за цигари, тврдејќи дека догорчињата што содржат пластика не нудат никакви здравствени придобивки и претставуваат еден од најголемите извори на урбан отпад.

Брисел, Минхен, Даблин и Џенова се меѓу градовите што се приклучија на кампањата „Без (пластични) филтри“ – иницијатива предводена од холандската влада во соработка со локалните власти, јавните претпријатија за водоснабдување и управување со води, како и еколошки организации.

Организаторите на кампањата тврдат дека шемите на ЕУ за „проширена одговорност на производителот“ – според кои тутунските компании се обврзани да ги покријат трошоците за чистење – не успеаја значително да го намалат загадувањето предизвикано од филтрите за цигари. Како резултат на тоа, тие бараат целосна забрана.

- Advertisement -
Ad image

Во Брисел, догорчињата од цигари сочинуваат 30 отсто од урбаниот отпад.
Анас Бен Абделмумен, градски советник во Брисел задолжен за јавна чистота, изјави за „ПОЛИТИКО“ (POLITICO) дека догорчињата од цигари сочинуваат дури 30 отсто од вкупниот отпад во градот.

„Овој отпад не само што го уништува и деградира нашиот урбан пејзаж, туку неговото чистење претставува огромен товар за нашите екипи за хигиена“, рече Абделмумен.

На кампањата ѝ се приклучија и други градови во Белгија, Германија, Чешка, Унгарија и Литванија.

Иницијативата доаѓа во време кога Европската унија разгледува две клучни регулативи што би можеле да го отворат патот за забрана на филтрите за цигари – или, во најмала рака, на пластиката што ја содржат. Активистите веруваат дека ревизијата на Директивата за тутунски производи, која ја спроведува Европската комисија, би можела да биде можност за забрана на филтрите. Доколку тоа не се случи, друга можност би била ревизија на Директивата за пластика за еднократна употреба.

СЗО исто така поддржува забрана
Светската здравствена организација (СЗО) исто така ја поддржува забраната или постепеното укинување на филтрите, наведувајќи дека тие не нудат никакви здравствени придобивки. „Филтерот за цигари е предметот што најчесто се фрла; тој содржи пластика, предизвикува токсично загадување на животната средина и наметнува огромни трошоци за општините и општеството. Понатаму, филтерот не го прави пушењето ништо помалку штетно“, изјави Карл Беренфенгер од холандската невладина организација „Fair Resource Foundation“.

Тој го опиша филтерот за цигари како „измамнички производ“ и „една од најголемите измами во поновата историја“.

„Филтерот за цигари никогаш не требаше да биде воведен“, рече тој.

Тутунска индустрија: Филтрите сепак ја намалуваат изложеноста на одредени токсини
Тутунските компании, сепак, тврдат дека филтрите имаат здравствена намена.

„Не постои такво нешто како безбедна цигара, без разлика дали е со или без филтер“, изјави Нејтан Џонс, раководител за регулаторна стратегија за ЕУ ​​во компанијата „British American Tobacco“.

Тој додаде дека, според нивното толкување, истражувањата покажуваат оти филтрите помагаат во намалување на изложеноста на одредени токсини и им овозможуваат на компаниите да ги исполнат прописите на ЕУ кои се однесуваат на емисиите од цигарите.

„Кога би постоела остварлива алтернатива што може да се примени во голем обем, ние би ја користеле – но таква не постои“, рече Џонс. Хаг годишно троши околу два милиони евра за чистење
Според заменик-градоначалничката Изабел Брудерс, во Хаг, годишните трошоци за чистење на отпадот од цигари се проценуваат на околу два милиони евра.

„Од наша перспектива, евалуацијата на Директивата за тутунски производи претставува важна можност за забрана на филтрите за цигари. Ние се залагаме за забрана на сите филтри за цигари, без оглед на материјалот што се користи“, изјави Брудерс за „POLITICO“.

Повеќето филтри се направени од целулоза ацетат, вид пластика од растително потекло која тешко се разградува.

Постојат биоразградливи алтернативи, но тие сè уште не се широко распространети.

Производителите бараа целулоза ацетатот да се класифицира како одржлив и биоразградлив производ, а со тоа и да биде изземен од Директивата за пластика за еднократна употреба.

Индустријата се спротивставува на ограничувањата
Организацијата „Tobacco Europe“ се спротивстави на можноста Европската комисија да воведе ограничувања за пластичните филтри.

Наместо забрани, тие се залагаат за подигнување на свеста, построго спроведување на правилата против фрлање отпад, како и за пропорционална примена на шемите за проширена одговорност на производителот (EPR), паралелно со развојот на поодржливи алтернативи. Сепак, Брисел и Хаг сметаат дека забраната само за пластичната компонента во филтрите не би била доволна.

„Дозволувањето алтернативи што не се од пластика создава опасна правна празнина: производителите би можеле да воведат нови материјали што ги заобиколуваат техничките дефиниции за пластика, а притоа практично остануваат исто толку штетни, долготрајни во животната средина и погубни за јавната чистота“, вели Абделмумен. Холандската влада моментално се фокусира на пластиката што се наоѓа во филтрите за цигари преку ревизија на Директивата за пластика за еднократна употреба.

Доколку овој обид се покаже како неуспешен, забраната би можела да се спроведе и преку Директивата за тутунски производи.

„Филтрите не нудат никакви здравствени придобивки“
Јоги Хендлин, филозоф за животна средина и научник од областа на јавното здравје на Универзитетот „Еразмус“ во Ротердам, ги опишува филтрите како „протеза на крајот од цигарата“ – нешто што ги наведува луѓето да веруваат дека ги отстранува најштетните состојки од чадот.

„Но, самиот филтер не нуди апсолутно никакви здравствени придобивки“, изјави Хендлин.

Тој додаде дека филтерот не ги отстранува супстанции што предизвикуваат рак, а – според него – тоа првенствено создава впечаток дека пушењето е побезбедно отколку што навистина е.

Хендлин, исто така, укажа на еден судски случај во САД од 2006 година, во кој било утврдено дека тутунските компании ги довеле потрошувачите во заблуда, претставувајќи ги „лајт“ (light) цигарите и оние со „ниска содржина на катран“ како помалку штетни производи.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖