Жителите на делови од Рим се принудени да носат чадори и кога нема дожд, да ги избегнуваат тротоарите под дрвјата и да ги преместуваат автомобилите на побезбедни места поради илјадниците птици што секоја вечер се собираат над нивните населби. Јатата птици ги покриваат улиците, тротоарите и паркираните возила со измет, а непријатната миризба и бучавата дополнително им го отежнуваат секојдневието на римјаните.
Проблемот е особено изразен во населбите Јонио и Праѕи Фискали, во североисточниот дел на италијанската престолнина. Снимка од местото покажува како минувачите се обидуваат да се заштитат од изметот со чадори и качулки, додека паркинг-местата под дрвјата остануваат празни.
– Излегувате со чадор за да се заштитите? – прашува новинарката една жителка.
– Да. Сега треба да фатам автобус, но ова е одвратно – одговара таа.
Друг соговорник објаснува дека се обидува да се заштити со качулка и да оди што побрзо.
– Ја ставам качулката и одам брзо вели соговорникот.
– Но, не се плашите дека ќе ве погоди нешто ако сте без чадор, без ништо? – го прашува новинарката.
– Да, но што да правиме? Веќе неколку дена јата птици ги парализираат Јонио и Праѕи Фискали. Ужасно мириса. А згора на тоа, имам и нова јакна – вели тој.
Соговорникот потоа ја покажува улицата и празните паркинг-места, објаснувајќи дека луѓето се плашат да ги остават автомобилите под дрвјата.
– Погледнете колку слободни паркинг-места има. Сите се плашат да ги остават автомобилите под дрвјата – вели тој.
На крајот, новинарката го предупредува соговорникот да побрза: „Те молам, трчај, трчај, трчај“!
Зад необичната глетка стојат големи јата птици преселници што во овој период од годината се собираат во голем број во градските средини. Според италијанските медиуми, тие од средината на октомври се задржуваат во североисточниот дел на Рим, а особено се забележуваат во околината на плоштадот Јонио, булеварот Јонио, булеварот Пантелерија и улицата Праѕи Фискали.
Птиците пристигнуваат во доцните попладневни часови, најчесто околу 17 часот, и се собираат на дрвјата и антените, каде што ја минуваат ноќта. Во некои делови од населбите нивното присуство трае до раните утрински часови. Илјадниците птици оставаат големи количества измет врз автомобилите, тротоарите, улиците, сообраќајните знаци и пешачките премини.
Жителите веќе ги смениле секојдневните навики. Некои ги оставаат автомобилите на километри оддалеченост за да не мора секое утро да ги чистат, а други ги покриваат возилата со заштитни навлаки. Проблемот не е само естетски: насобраниот измет создава лизгави површини, а непријатната миризба се шири низ населбите.
Еден од жителите за италијанскиот весник „La Repubblica“ раскажал дека автомобилот го оставил на 2-3 километри од дома, бидејќи му било полесно да пешачи отколку секое утро повторно да го носи на перење. Друг жител, кој со децении живее и работи во населбата, вели дека досега не видел нешто слично. Според него, ситуацијата станува сè полоша, а чистењето на автомобилите почнува да претставува и сериозен финансиски трошок.
Италијанските медиуми известуваат дека во некои автопералници за отстранување на насобраниот измет се наплаќаат најмалку 30 евра, а жителите велат дека возилата мораат да ги мијат речиси секојдневно.
Локалните власти веќе презеле мерки за да ги оддалечат птиците од населените места. Наместо нивно заловување или убивање, се користи таканаречениот систем „distress call“, односно репродуцирање звуци на тревога што ги испуштаат птиците кога ќе почувствуваат опасност. Целта е јатата да се исплашат и да изберат друга локација за ноќевање.
Се користат и светлосни сигнали насочени кон крошните на дрвјата, а комуналното претпријатие „AMA“ ги засилило секојдневните активности за чистење на улиците и тротоарите.
Додека властите бараат решение, жителите продолжуваат да се штитат со чадори, да ги преместуваат автомобилите и да се обидуваат да ги избркаат птиците со тропање по тенџериња, свирчиња, петарди и други гласни звуци.
Tagged as:
„ДОЖД ОД ИЗМЕТ“ ГО ПРЕКРИ РИМ ЖИТЕЛИТЕ ШЕТААТ СО ЧАДОРИ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
