Министерството за внатрешни работи освои прво место во категоријата за извонредност во сообраќајната безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи. Признанието му е доделено за проектот „Безбеден град“, а во конкуренција биле и полициските служби на Сингапур, Абу Даби и индиската сојузна држава Махараштра, како и Управата за патишта и транспорт на Дубаи.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека македонската кандидатура била избрана меѓу петте најдобро оценети, во конкуренција на повеќе од 700 номинации од над 60 држави.
– Од петте кандидатури избрана е македонската. Оваа година за наградите на самитот пристигнале повеќе од 700 номинации во 13 категории од над 60 држави од целиот свет. Во секоја категорија се избира еден добитник. Во сообраќајната безбедност со гордост можеме да кажеме дека добитник е Македонија – изјави Тошковски.
Тој објасни дека признанието е резултат на повеќефазна селекција. Министерството поднело апликација, по што документацијата била проверена, а стручни оценувачи независно ги оценувале кандидатурите. Петте највисоко оценети продолжиле во следната фаза, односно интервју пред комисија, на кое кандидатите детално ги презентирале проектите и одговарале на прашања.
Потоа биле издвоени тројца финалисти, а конечниот победник бил избран врз основа на вкупната оценка од апликацијата и интервјуто.
Во категоријата за извонредност во сообраќајната безбедност се оценувале технолошкиот напредок, истражувачкиот придонес, оперативната ефикасност, можноста решението да се прошири или примени и на други места, како и неговото влијание врз безбедноста во сообраќајот.
Тошковски оцени дека конкуренцијата била особено силна, посочувајќи ги Сингапур, Дубаи и Абу Даби како средини препознатливи по развојот и примената на технологијата.
– Знаеме што значи Сингапур кога се зборува за функционална администрација и технолошки развој, а многу добро знаеме што значат и Дубаи и Абу Даби во примената на технологијата, особено во рамките на сообраќајот. Но ние покажавме дека и Македонија има капацитет да постигне резултат што ќе биде препознаен во светот – рече министерот.
Тој направи и споредба со посетата на Обединетите Арапски Емирати во ноември 2024 година, кога, како што посочи, македонската делегација се запознала со нивните паметни системи и искуства во сообраќајната безбедност.
– Две години подоцна, токму во Дубаи, македонската кандидатура добива признание токму во оваа област. Меѓу тие два момента стои работата што ја завршивме дома. „Безбеден град“ долго беше проект за кој се зборуваше исклучиво во идно време – изјави Тошковски.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
