Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими извештајот за напредокот на Македонија за 2026 година од шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот Михалис Рокас. Македонија е препознаена како една од најуспешните земји во исполнувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан.
Според соопштението од претседателскиот кабинет, двајцата се согласиле дека државата постигнала конкретни резултати во реформскиот процес.
„Обајцата го поздравија препознавањето на државата како една од најуспешните во исполнувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан“, се наведува во соопштението на Кабинетот.
Амбасадорот Рокас, покрај позитивните оценки, ги посочил и областите во кои се потребни поинтензивни реформи. Особено внимание било посветено на владеењето на правото, состојбите во правосудството и борбата против корупцијата.
Сиљановска-Давкова го истакнала зголеменото ниво на подготвеност на Македонија во поглавјето 10, кое се однесува на дигиталната трансформација и медиумите, како и во поглавјето 26, посветено на образованието и културата.
Напредок бил регистриран и во науката и истражувањето, како и во усогласувањето со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.
Според претседателката, овие резултати го потврдуваат институционалниот капацитет на државата да ги исполнува европските стандарди.
Таа очекува финализирањето на патоказите за владеење на правото и за реформата на јавната администрација, заедно со Акцискиот план за заштита на малцинствата, да придонесе за напредок во преговарачкиот кластер „Основи“.
И покрај позитивната оценка за спроведувањето на Реформската агенда, Сиљановска-Давкова изразила незадоволство од позицијата на Македонија во процесот на проширување на ЕУ.
„Претседателката потсети дека извештајот треба објективно да го прикажува реализирањето на Копенхашките критериуми, а не на наметнатите билатерални политички услови, спротивни на европските вредности и принципи утврдени во европските уставни акти“, соопштија од нејзиниот кабинет.
Според неа, изоставувањето на Македонија од групата земји што предводат во евроинтеграциите не ја одразува реалната состојба и испраќа негативна порака до македонската јавност.
Претседателката повторно побарала еднаков третман за сите земји-кандидатки, нагласувајќи дека за деблокирање на македонскиот европски пат се неопходни политичка волја и поактивен ангажман на европските институции и земјите членки.
Сиљановска-Давкова најавила дека во рамките на своите уставни надлежности ќе продолжи да ги поддржува реформите насочени кон јакнење на демократијата.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
