Сопругата на Мет Дејмон, Лусијана Баросо, имала мозочна аневризма и била оперирана само една недела пред доделувањето на Оскарите во 2024 година. Актерот дури сега откри дека станувало збор за сериозна и застрашувачка здравствена ситуација, поради која двајцата ја пропуштиле церемонијата, иако филмот „Опенхајмер“ во кој тој глумеше, беше еден од најголемите фаворити и таа вечер освои седум статуетки.
– Имавме навистина страшна ситуација кога мојата сопруга имаше мозочна аневризма. За среќа, таа е сосема добро, но имаше операција на мозокот една недела пред Оскарите – открил актерот во големото интервју за магазинот „GQ“, објавено во рамките на нивното издание „Личности на годината 2026“.
И покрај тоа што штотуку минала низ операција, Лусијана на самата вечер на Оскарите го изненадила сопругот. Тоа била првата вечер кога се чувствувала доволно добро за да стане и повторно имала енергија. Се облекла, избрала фустан и му предложила да одат на забавата по доделувањето на наградите.
– Таа ме изненади, се облече и отидовме на забавата. Тоа беше навистина херојски од нејзина страна и за мене имаше огромно значење – раскажал Дејмон објаснувајќи дека Барозо се сетила оти тој не излегол последниот пат кога филм во кој глумел ја освоил наградата за најдобар филм. Станува збор за „The Departed“, кој победи на церемонијата во 2007 година. Како што објави „Фокс њуз“, Дејмон тогаш не присуствувал на доделувањето бидејќи работел на филмот „The Bourne Ultimatum“ во Мајами. Со Лусијана ја следеле вечерта од кревет, а кога Мартин Скорсезе ја добил наградата за најдобра режија, актерот толку се возбудил што скокал од радост во спалната соба. Но кога „The Departed“ ја освоиле и наградата за најдобар филм, сфатил дека пропуштил историски момент.
– Се свртев кон Луси и ѝ реков: По ѓаволите, требаше да бидеме таму! Целосно ја утнав работата – се присетил актерот. Подоцна добил телефонски повици од колегите и луѓето од студиото, кои го прашувале зошто не дошол на церемонијата. Затоа, кога „Опенхајмер“ во 2024 година повторно беше во трка за најважната награда, Дејмон сакал да го прослави успехот. Но здравствената состојба на сопругата го променила планот. И покрај сè, Лусијана не сакала и овојпат да ја пропуштат прославата.
Дејмон не открил кога точно била откриена аневризмата, дали дошло до нејзино пукање, каков вид операција имала сопругата или колку долго траело закрепнувањето. Лусијана досега не зборувала јавно за здравствениот проблем.
Љубовна приказна што почнала во еден бар во Мајами
Лусијана Баросо е родена во Аргентина и со години успева да го зачува приватниот живот, и покрај славата на сопругот. Нивната приказна започнала во 2003 година, кога Дејмон снимал филм во Мајами, а таа работела како келнерка и шанкерка во еден бар во Саут Бич. Актерот една вечер излегол со дел од филмската екипа и ја забележал зад шанкот.
Во интервју за „Вог“ во 2018 година, Лусијана раскажала дека Дејмон ѝ приоѓал додека таа работела, а бидејќи не сакала да ѝ пречи, му дала задача да ѝ помага со пијалаците. Тој претходно имал посетувано обука за шанкер за потребите на еден филм, па се вклучил во работата и, како што се пошегувала таа, ѝ донел многу добри бакшиши бидејќи сите сакале да го видат познатиот актер.
Во тоа време Лусијана веќе имала ќерка, Алексија, од претходната врска. Дејмон ја прифатил како свое дете, а подоцна добиле уште три ќерки – Изабела, Џија и Стела. Двајцата се венчале на приватна церемонија во Њујорк во декември 2005 година и повеќе од две децении го градат семејниот живот подалеку од постојаното внимание на јавноста.
Дејмон во повеќе интервјуа зборувал за тоа колку му значи семејството. Со сопругата имаат и правило да не бидат разделени подолго од две недели поради неговите снимања. Во најновото интервју открил дека за филмот „Одисеја“ на Кристофер Нолан првпат го прекршил тоа правило и бил далеку од дома три и пол недели. Нивните ќерки и сопругата го поддржале, иако првиот дел од снимањето бил тежок за семејството.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
