Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор имала детство обележано со отсуството на татко ѝ, кој ја напуштил кога имала само две години и никогаш повеќе не сакал да воспостави контакт со неа.
За болната семејна приказна таа зборувала во неколку наврати, а сега повторно се наврати на неа во делови од емисијата на подкастот „Маме код Лане“.
Косор раскажува дека бракот на нејзините родители бил ужасен и дека татко ѝ ја тепал мајка ѝ, а таа како мало бебе толку се исплашила што доживеала фрас поради што ја испратиле да живее кај баба ѝ. Нејзините родители се разделиле кога Косор имала само две години, таа останала да живее со баба ѝ во Липик, додека мајка ѝ, поради работата, живеела во Меѓимурје и ја посетувала два-три пати годишно. Со неа почнала да живее кога Косор имала седум или осум години.
Најголемата болка за неа било тоа што татко ѝ не сакал да ја види. Во малата средина во која растела, била единственото дете во одделението без татко.
– Живеев во мала средина и кога тргнав во школо бев единственото дете без татко, единствено дете на разведени родители и децата ме исмеваа поради тоа, но и ме тепаа – раскажува Косор.
Како девојче, таа тајно му пишувала писма на татко ѝ и постојано го чекала поштарот, надевајќи се дека конечно ќе добие одговор. Еден ден поштарот ѝ донел голем жолт плик и кога го отворила, во него ги нашла сите писма што му ги испратила на татко ѝ– неотворени.
– Тогаш сфатив дека на татко ми не му значам ништо. Баш ништо – се потсети таа.
Сепак, не се откажала од надежта дека еден ден ќе се појави во нејзиниот живот. Пред матурската вечер му испратила уште едно писмо. Му напишала дека е најдобра во генерацијата, а потоа го замолила да дојде и да го изигра со неа првиот танц. Му ветила дека потоа никогаш повеќе нема да бара ништо од него.
Постојано гледала кон вратата, убедена дека татко ѝ ќе се појави. Но, тој не дошол. Дури и кога Јадранка Косор станала претседателка на хрватската влада, во 2009 година, татко ѝ не сакал да зборува за неа. Кога новинарите го прашале дали е горд на успехот на својата ќерка која станала најмоќната жена во Хрватска, тој кратко одговорил: За таа личност не сакам да зборувам.
– Во мене се создаде некоја огромна празнина, некоја дупка, рана која со ништо не можеше да се затвори до ден денес, затоа што на децата им требаат двајцата родители – вели Косор.
Кога татко ѝ починал во 2013 година, а Косор сепак отишла на неговиот погреб, таму ја доживеала една од најчудните и најболните ситуации во животот – како ќерка им изразувала сочувство на членовите на неговото семејство, иако и самата била дел семејство.
– Тоа беше нешто целосно надреално – раскажува таа.
И по неговата смрт, Косор не добила одговор зошто татко ѝ никогаш не сакал да ја запознае и да биде дел од нејзиниот живот. Во една своја објава по повод Денот на татковците напишала дека никогаш не го запознала својот татко затоа што тој не го сакал тоа. А најтешко ѝ било што, иако никогаш вистински го немала, цел живот ѝ недостигал.
Посебно интересен, но помалку познат дел од нејзината семејна приказна е постоењето на полубратот Нинослав Косор, синот на нејзиниот татко од вториот брак. Нивните патишта се вкрстиле уште во времето кога Јадранка работела како новинарка во Загреб. Тој ја побарал во редакцијата, каде што се запознале, но нивниот однос не прераснал во блиска врска.
И самата Косор подоцна имала два неуспешни брака. Првпат се омажила во 1977 година за Хрвоје Маркуљ, тогашен уредник во забавната програма на Телевизија Загреб. Нивниот брак траел четири години, до 1981 година. Иако љубовта не им траела, по разделбата успеале да ги зачуваат коректните односи. Маркуљ подоцна зборувал со почит за поранешната сопруга, истакнувајќи дека не бил изненаден кога таа станала премиерка на Хрватска.
Во 1984 година се омажила за Иво Шкопљанец, спортски новинар и радиорепортер, со кого го добила синот единец Ловро. Нивниот брак завршил во 1993 година, по девет години, па Косор го растела својот син како самохрана мајка.
– Тешко е да се одгледува дете сам, а особено машко дете. Кога мојот син влезе во пубертет стана невозможен, како и нашиот однос, па често се прашував дали сум згрешила. Зашто има моменти кога ви треба и другиот родител, ви треба некој со кој ќе го поделите тоа, ви треба татко. Иако мајка ми живееше со нас и се грижеше за моето дете додека јас работев, се друго морав да правам јас. Никогаш не кукав над својата судбина, ниту се сожалував затоа што тоа ми беше некако нормално, затоа што и самата растев во матријархат – вели Косор.
Сепак, она што најмногу ја здоболело во текот на политичката кариера било тоа што некои колеги ѝ префрлиле токму поради тоа што била самохрана мајка.
– Во мојот политички живот ништо не ме погодило, ништо не ме допрело толку колку кога ми рекоа дека сум самохрана мајка, а дека таквите не знаат да воспитаат деца. Потоа на тие некои колеги кои ми го рекоа тоа им одговорив дека најдоброто нешто што сум го направила во животот е тоа што сум одгледала син – вели Јадранка Косор.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
