Background

Поразителни наоди на ревизорите за состојбите во македонската железница

Државниот завод за ревизија утврдил сериозни слабости во финансиското работење и управувањето со ресурсите на Железници на Република Северна Македонија – Транспорт АД Скопје, при ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето за 2024 година. Друштвото располага со 62 локомотиви, но само девет се во функција, а вкупните акумулирани загуби достигнале 6,75 милијарди денари, односно околу 109,1 милион евра.

Една од констатираните неправилности се однесува на работилниците за одржување на железничките возила, чија реконструкција и адаптација чинела 118 милиони денари, или околу 1,9 милиони евра. Иако градбата е завршена, ги има потребните дозволи и со години се користи за редовните работни процеси, таа не е евидентирана како недвижност во деловните книги на друштвото.

Поради тоа, не била пресметана ниту амортизацијата на објектот – околу 11,4 милиони денари за претходниот период и дополнителни 2,95 милиони денари за 2024 година. Според ревизорите, ова влијаело врз финансискиот резултат на компанијата. Реконструкцијата е дел од проектот за обнова на возниот парк, финансиран со кредит од Европската банка за обнова и развој.

- Advertisement -
Ad image

И покрај набавката на нови возила во рамките на овој проект, возниот парк и натаму е во исклучително лоша состојба. Стручните лица во друштвото укажале дека голем дел од железничките капацитети се постари од 40 години. Од вкупно 1.382 товарни вагони, само 378 имаат важечка ревизија и се способни за сообраќај, додека преостанатите 1.004 се надвор од употреба поради истечена ревизија.

Од 62 локомотиви со кои располага компанијата, функционални се само девет. Од 16 патнички гарнитури во функција се пет, а од 47 патнички вагони само два се користат во редовниот превоз на патници.

Ревизорите наведуваат дека ваквата состојба се должи на староста на возниот парк, недоволните финансиски средства за средни и големи поправки, ненавремените инвестиции во резервни делови и отсуството на редовна обнова. Старите локомотиви го отежнуваат работењето, ја зголемуваат потрошувачката на енергенси и предизвикуваат повеќе празни возења.

Проблеми се утврдени и во евиденцијата на недвижниот имот. За дел од стопанските згради и сообраќајните објекти заведени во деловните книги, друштвото нема имотни листови со кои би се докажало запишаното право на сопственост, а не е направено ниту соодветно поврзување на постојните имотни листови со евидентираните средства.

Неправилности се откриени и во управувањето со залихите на суровини, материјали, резервни делови, ситен инвентар, амбалажа и автомобилски гуми. Особено загрижува податокот дека 71 отсто од залихите, во вредност од 342,3 милиони денари, односно околу 5,55 милиони евра, потекнуваат од периодот пред 2019 година. За нив на крајот на пресметковниот период не било направено вредносно усогласување.

Ревизорите утврдиле и несоодветно, недомаќинско и небезбедно ракување со нафтените деривати при нивниот прием и издавање. Ваквата практика, според извештајот, може да ја загрози безбедноста и здравјето на граѓаните, како и животната средина.

Опремата за мерење на горивата е застарена и импровизирана, а поради нејзините карактеристики постои можност за манипулации и неточно прикажување на реалните количества на нафтените деривати. Дополнително, горивото се точи со пумпи чии мерила подолг период не биле верификувани, односно баждарени.

Забележани се и проблеми во подмирувањето на обврските кон доверителите. Наместо навремено да ги плаќа доспеаните долгови, друштвото воспоставило практика на поднесување приговори на решенијата за платни налози, со што се продолжувале судските постапки и се зголемувале трошоците за камати и судски трошоци.

И покрај правосилно завршените судски постапки и високата веројатност за одлив на пари во износ од околу 261 милион денари, односно 4,24 милиони евра, компанијата не резервирала средства за овие обврски. Поради тоа, според ревизорите, обврските, трошоците и финансискиот резултат не се реално и објективно прикажани во финансиските извештаи.

Недоволна контрола е утврдена и врз потрошувачката на вода. Фактурите за 2024 година изнесуваат вкупно 5,47 милиони денари, а ревизорите констатирале прекумерна потрошувачка, несоодветна за компанија чии основни дејности се административни и услужни, а водата не е составен дел од производствен процес.

Во делот на приходите, утврдени се помалку искажани приходи од услугите за користење на локомотиви. Компанијата вршела и услуги без јасно утврдени и важечки договорни односи, а немала ниту ценовна политика што редовно се ажурира и ги одразува пазарните услови и трошоците на работењето.


Слабости се констатирани и во управувањето со човечките ресурси, примената на законските и интерните правила за работните односи, организацијата на работните процеси, како и во пресметката и исплатата на платите и надоместоците.

Според ревизорскиот извештај, ЖРСМ Транспорт во 2024 година остварил загуба од 331,8 милиони денари, што е за 427,6 милиони денари помалку од загубата во 2023 година. Но, кога ќе се пресметаат и пренесените загуби од претходните години, вкупната загуба достигнува 6,754 милијарди денари, односно околу 109,1 милиони евра.

Државниот завод за ревизија дал препораки за надминување на утврдените неправилности. Од генералниот директор на ЖРСМ Транспорт на 2 ноември добил информација за досега преземените активности за постапување по препораките, која е составен дел од објавениот конечен ревизорски извештај.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖