Големи количества авокадо во Мексико завршија во оган и во земја откако беше откриено присуство на ларви од штетник што ги напаѓа плодовите и дрвјата. Пратките биле запрени пред да стигнат до меѓународниот пазар, а случајот предизвика загриженост во земјата која е најголем светски производител и извозник на ова овошје.
Според извештајот на „Ројтерс“ од 1 ноември, производители од мексиканските сојузни држави Мичоакан, Халиско, Колима и Најарит уништиле до 52 тони авокадо во текот на викендот. Плодовите биле истоварувани од камиони во ископани јами, каде што биле запалени и закопани според протоколите за сузбивање на штетници. Во постапката учествувала и националната агенција за здравствена исправност и безбедност на земјоделските производи, СЕНАСИКА.
Ова се случило во државата Мичоакан, главниот центар на мексиканското производство на авокадо и важен извозен регион. Дел од уништеното овошје потекнувало од Халиско, Колима и Најарит, а било наменето за американскиот пазар. Пратката била запрена пред да стигне до пакувалницата во Уруапан, а потоа била уништена во општината Перибан.
Станува збор за авокадов семенов жижок – инсект чии ларви се развиваат во семката на плодот. Штетникот може да ги напаѓа и гранките и стеблата на дрвјата, а доколку не се контролира, брзо се шири во насадите и може да предизвика големи загуби. Мексиканската агенција SENASICA, меѓу карантински значајните штетници кај авокадото наведува неколку видови жижоци и инсекти што ги оштетуваат семките и дрвјата.
Мичоаканскиот министер за животна средина Алехандро Мендез за „Ројтерс“ потврдил дека штетникот бил откриен, нагласувајќи дека производителите сакаат да спречат негово ширење во насадите. Тој посочил и дека авокадото за кое постоело сомневање дека е заразено не било пуштено во продажба. Засега не е објавена процена за финансиската штета од уништувањето на овошјето.
Мексико е водечки светски производител и извозник на авокадо, а Мичоакан е најважната производствена област во земјата и еден од клучните снабдувачи на американскиот пазар.
Tagged as:
Мексиканските производители уништија тони овошје откако беше откриен штетник
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
