Француските власти ја запреа продажбата и увозот на ултратенки кондоми од еден малезиски производител, откако истрагата откри недостатоци што можат да го зголемат ризикот од пукање на кондомите – што потенцијално може да доведе до сексуално преносливи инфекции и несакани бремености.
Франција нареди повлекување на 15 видови кондоми од европскиот пазар, откако беа откриени производни дефекти поради кои производите можат да пукнат или да се скинат. Надлежните органи предупредија дека овие недостатоци можат да ја загрозат заштитата од сексуално преносливи инфекции и несакани бремености.
Недостатоците се утврдени кај ултратенки кондоми произведени од малезиската компанија „Richter Rubber Technology“, се наведува во соопштението објавено во петокот од страна на француската Генерална дирекција за конкуренција, потрошувачки прашања и контрола на измами (DGCCRF), пренесува „Еуроњуз“ (Euronews).
„Некои корисници пријавија пукање на кондомите и несакани бремености поврзани со засегнатите серии на производи“, наведоа француските власти во одлуката од 22 октомври, која беше објавена во францускиот Службен весник на 30 октомври.
Француските власти соопштија дека лабораториските испитувања откриле недостатоци поврзани со нееднаква дебелина и квалитет на слојот од латекс што се користи во производството.
Тестираните кондоми „не ги исполнија стандардите за притисок и волумен при пукање, како ни тестовите наменети за проверка дали постојат микроскопски дупчиња“, додадоа француските власти. Исто така, утврдено е дека производителот „нема соодветна контрола врз процесот на производство на своите производи“.
Според француското Министерство за економија, станува збор за околу седум милиони кондоми во рамките на Европската унија, иако само дел од нив биле продадени во Франција.
Француската влада ја суспендираше продажбата и увозот – во траење од една година – на сите ултратенки кондоми од овој производител кои се изработени преку неисправен производствен процес. Оваа мерка може да биде продолжена доколку е потребно.
Одлуката доаѓа по истрагата започната по првичниот бран на повлекувања на кондоми во текот на летото, кога, во периодот од крајот на мај до почетокот на август, беа повлечени околу 260.000 кондоми.
Од почетокот на тие повлекувања, осум корисници пријавиле дека кондомите пукнале. Последици за целата Европска Унија
Повлекувањето не е ограничено само на Франција, бидејќи предметните производи биле дистрибуирани низ европскиот пазар под неколку различни трговски имиња.
Француските власти објавија список на засегнатите производи и производни серии, наредувајќи нивно отстранување од продажните места, како и повлекување на производите што се веќе кај потрошувачите.
Француските власти им препорачаа на сите што ги користеле предметните кондоми да направат тестирање за сексуално преносливи инфекции во медицинска лабораторија, а доколку им доцни менструацијата – да направат и тест за бременост.
На загрижените потрошувачи им се советува да се консултираат со својот лекар или да посетат центар за бесплатно тестирање за сексуално преносливи инфекции. DGCCRF, исто така, ги повика потрошувачите да пријават какви било несакани појави – вклучително и кинење или оштетување на кондомите при употреба – преку националната платформа за пријавување инциденти поврзани со здравјето.
Францускиот регулаторен орган изјави дека ќе ја следи ефективноста на отстранувањето и повлекувањето на предметните производи.
Tagged as:
Повлечени седум милиони кондоми низ ЕУ: Утврден сериозен здравствен ризик
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
