Хакери украдоа повеќе од шест милијарди долари од дигитални паричници на платформата за тргување со криптовалути „Binance“ – што претставува најголема кражба од ваков вид досега – при што неколку фирми за следење на криптовалути се сомневаат дека зад нападот стојат севернокорејски хакери, објави денеска Си-Ен-Ен (CNN).
Според Си-Ен-Ен, фирмите за анализа и следење на криптовалути успеале да блокираат околу три милијарди долари од украдените средства, додека потрагата по преостанатите пари продолжува.
„Binance“, најголемата светска берза за криптовалути, соопшти дека прелиминарната истрага покажала оти нападот бил извршен преку лаптоп на еден инженер, што му овозможило на напаѓачот пристап до сервисен контејнер и можност за вршење неовластени повлекувања на средства.
Компанијата најави дека ќе ги покрие сите загуби користејќи сопствен капитал и фонд за итни случаи, нагласувајќи дека средствата на корисниците остануваат безбедни. Тие привремено ги суспендираа уплатите и исплатите, ги укинаа овластувањата на компромитираната адреса и ги вклучија органите на прогонот, како и партнерите за следење на блокчејн, со цел лоцирање и повраток на средствата.
Фирмата „TRM Labs“ го припиша нападот на севернокорејска хакерска единица, повикувајќи се на разузнавачки податоци собрани од активности на блокчејн мрежите, како и надвор од нив. Слична оценка изнесе и сингапурската компанија „Pangolin Intelligence“, додека фирмата „Chainalysis“ изјави дека со висок степен на сигурност верува оти зад нападот стои Северна Кореја.
Според податоците на „Chainalysis“, украдените средства биле префрлани преку повеќе блокчејн мрежи, вклучувајќи ги „Bitcoin“ и „Ethereum“. Аналитичарите предупредуваат дека хакерите би можеле да се обидат да ги „исперат“ парите во легитимниот финансиски систем преку мрежа од субјекти за перење пари.
Американските медиуми побараа коментар од севернокорејската мисија при Обединетите нации, како и од Федералното биро за истраги (ФБИ) и Тајната служба на САД. Пјонгјанг и претходно ги негираше обвинувањата поврзани со вакви хакерски напади.
Доколку се потврди одговорноста на Северна Кореја, тоа би претставувало уште еден голем сајбер-напад што им се припишува на нејзините хакерски групи. Северна Кореја, исто така, е обвинета за кражба на приближно 1,5 милијарди долари од берзата за криптовалути „Бајбит“ (Bybit) во февруари 2025 година.
Според извештаите на Обединетите нации и на приватни компании, хакери поврзани со Пјонгјанг во последните години украле милијарди долари од банки и компании за криптовалути. Претставници од САД и Јужна Кореја наведуваат дека ваквите операции претставуваат значаен извор на приходи за севернокорејскиот режим, кој во моментов е под меѓународни санкции.
Веста за нападот предизвика пад на вредноста на биткоинот и етериумот; во петокот во Хонгконг, двете криптовалути се тргуваа за околу два до три проценти под нивните претходни нивоа, дури и откако делумно ги надоместија претрпените загуби.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
