Се трудиме сите оние градови кои имаат историја во спортот, да ги вратиме во живот, затоа што навистина немаат никаква спортска инфраструктура, а основата на спортот и на спортските резултати, развојот на спортот и привлекување на дечиња да спортуваат е спортската инфраструктура, вели министерот за спорт, Борко Ристовски.
– Ако немате соодветна спортска сала со регулирано греење и ладење, со чисти, нови соблекувални, не може да барате ниту развој на спортот, ниту резултати во професионалниот и во врвниот спорт – потенцираше Ристовски во гостување на Телма.
Тој нагласи дека токму затоа изградбата и реконструкцијата на спортската инфраструктура е една од основните заложби.
Рече дека Министерството за спорт во изминатиот период веќе реализира или е во фаза на реализација на повеќе капитални проекти – изградени се нови атлетски патеки во Гевгелија и во Велес, реконструирани се спортските сали во Радовиш, во Ново Село и салата „Расадник“ во Скопје, во фаза на реконструкција е спортската сала во комплексот на УКИМ, почнува реконструкција на спортската сала „Македонија“ во Прилеп и на салата во Делчево, а почната е и постапката за изградба на 3 нови сали, две во Скопје и една во Крушево.
Ристовски додаде дека Министерството за спорт ги изгради шесте базени од затворен тип кои беа почнати од поранешната Агенција за млади и спорт, но со години беа оставени недовршени, а како посебно значаен проект ги издвои затворениот базен во Охрид.
Информираше и за решавањето на проблемот со спортските објекти кои се земени под концесија на подолг период, но концесионерите не ги исполнуваат условите, а објектите не се во функција на спортот.
– Еден од тие проблеми беше и спортската сала „Македонија“ во Прилеп која што беше дадена под концесија. Договорот со концесионерот е раскинат, ние комплетно ќе ја реконструираме салата и ќе ја дадеме на владение на Општина Прилеп. Нашата работа е до тука, понатаму обврските ги презема Општината и тие ќе се одговорни салата да се одржува, да се чува и да биде во функција – истакна Ристовски.
Тој најави реконструкција на лизгалиштето и на базенот во спортскиот комплекс „Кале“ во Скопје, каде што, исто така, е раскинат договорот со концесионерот и тие објекти се вратени во надлежност на државата.
– Како едно од решенијата на проблемот со спортските капацитети, Министерството за спорт го иницираше и почна да го спроведува новиот модел на управување со спортските објекти со тоа што дел од нив ќе бидат предадени на националните спортски федерации. Тоа веќе е реализирано со базенот „Партизан“ во Карпош кој е предаден на Националаната пливачка федерација како и со спортската сала „Расадник“ која е предадена на Ракометната федерација на Македонија – рече министерот.
Не го поддржувам тоа сите сали кои ги гради или ги реконструира Министерството за спорт, односно државата, да се даваат на приватници како што тоа било случај во минатото, истакна тој.
– Од тоа давање на спортските објекти под концесии на 20-30 години, гледаме во која ситуација се наоѓаме. Мојата намера е салите да се даваат на националните федерации зад кои стојат сериозни луѓе кои ќе можат да ги одржуваат и секој ќе си сноси одговорност за функционирањето на тие објекти – појасни Ристовски.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
