Студентите ќе добијат можност сами да одлучат дали го прифаќаат новиот предложен ваучерски систем за субвенциониран оброк. Националното студентско тело најави отворање дигитална платформа „Студентски референдум“, на која ќе се гласа за предложената промена.
Барањето, пак, дневниот износ да се зголеми од 140 на 200 денари останува отворено.
Претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ангела Василевска, соопшти дека платформата треба да биде подготвена до следната недела. Намерата е за прашањето да не одлучуваат само студентските претставници, туку сите студенти што ќе добијат пристап до гласањето.
– Бидејќи секој има поинакво мислење и да не одлучуваат само претставниците, подобро е тоа да биде изгласано на еден студентски референдум – изјави Василевска.
Според најавата, секој студент ќе може да учествува преку дигитален систем поврзан со неговиот индекс и соодветна електронска адреса.
Платформата не е замислена само за субвенционираниот оброк. Студентските претставници сакаат во иднина преку неа да се одлучува и за други прашања што ги засегаат студентите.
Според Василевска, иницијативата е поднесена пред повеќе од месец ипол, но сè уште нема одговор кога би почнало зголемувањето и колку точно би изнесувало.
– Не е спорно дали ќе имаме нов систем, спорно е кога државата ќе го зголеми износот на субвенционираниот студентски оброк – порача таа.
Василевска го поздрави тоа што во новиот систем би останале и маркетите, но посочи дека на вчерашната средба во Владата не се разговарало конкретно за висината на покачувањето.
Студентите најавуваат дека ќе го почекаат одговорот на институциите до следната недела, кога планираат да ја подготват и платформата за референдум.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска повтори дека Владата ќе најде решение за барањето за повисок студентски оброк.
– Секако, ќе најдеме решение и верувам дека на крајот сите ќе бидеме задоволни од исходот. Зголемување секако ќе има, која ќе биде сумата – дополнително ќе се договориме – изјави Јаневска.
Таа објасни дека предложениот ваучерски систем, сличен на оној во Словенија, треба да обезбеди државната субвенција да се користи исклучиво за храна.
Според министерката, со сегашните платежни картички студентите можат да купуваат и производи што не се предвидени со намената на субвенцијата.
– Целта на овој систем е да ја користат субвенцијата за здрава храна, а тоа и била намената со законот, односно да не може да се користат за алкохол, цигари и друго нешто – рече Јаневска.
Ваучерите би можеле да се користат кај определени оператори што продаваат храна, а според студентските претставници, во системот би останале и маркетите.
Министерката посочи дека претходното раководство на студентското собрание при УКИМ се согласило да не се зголемува износот, туку да се прошири бројот на студентите што имаат право на субвенцијата.
Според неа, тоа барање веќе е исполнето, а сегашната иницијатива за покачување е ново барање за кое се водат разговори.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
