Солени казни до 5.500 евра им се закануваат на демонстрантите во Албанија, каде што владата усвои нов пакет мерки против насилството на протестите. Полицијата добива овластување привремено да забранува собири на одредени локации, додека новите правила предвидуваат санкции и за повиците на насилство на социјалните мрежи.
За новите казни известува британскиот „Гардијан“, кој нагласува дека тие можат да ги погодат и лицата што не извршиле насилство, но останале на протест што прераснал во насилни судири.
Глобата од 5.500 евра(50.000 леки) е предвидена за лицата што остануваат во толпа во која се случува насилство и покрај полициските предупредувања, како и за одредени случаи на прикривање на идентитетот.
За учество во забранет собир и непочитување полициски наредби се предвидени казни од 10.000 до 100.000 леки. Покривањето на лицето од здравствени или верски причини, како и поради професионални обврски, е изземено од санкционирањето под предвидените услови.
Новите овластувања ѝ дозволуваат на полицијата привремено да забрани или ограничи собири во близина на училишта, болници и државни институции.
Таквата мерка ќе може да се примени при реален, сериозен и непосреден ризик од насилство или голема материјална штета.
Ограничувањето може да трае најмногу 72 часа, со можност за едно продолжување, според доставениот текст.
Полицијата ќе може да бара и отстранување објави на социјалните мрежи што повикуваат на насилство. Ако содржината не биде отстранета или прекршувањето се повтори, надлежните органи ќе можат да преземат дополнителни законски мерки.
Владата најави и државна отштета за малите бизниси оштетени при вандализам, грабежи или палење за време на демонстрациите.
Пакетот предвидува посебен електронски регистар за лица пријавени во обвинителството или опфатени со истраги за насилни кривични дела на јавни собири.
Мерките стапија на сила веднаш, но албанскиот парламент мора да ги одобри во рок од 45 дена за да продолжат да важат.
Антивладините протести во Албанија започнаа во мај, поттикнати од спорниот проект за луксузен хотел во заштитено природно подрачје. Проектот е поврзан со Џаред Кушнер, зет на претседателот на САД, Доналд Трамп. Протестното движење постепено прерасна во поширок бунт против корупцијата и владата на премиерот Еди Рама.
Судирите нагло ескалираа во средината на октомври, кога на протестите масовно се приклучија студенти. Тие бараат подобри услови за студирање, пониски трошоци за образование и поголеми можности за вработување. Дел од демонстрантите нападнаа државни згради со камења и молотови коктели, додека полицијата употреби солзавец, водени топови и гумени куршуми.
Според анализата на полскиот Центар за источни студии, објавена на 22 октомври, околу 1.000 демонстранти биле приведени или уапсени, а најмалку 388 се соочувале со обвиненија. Приближно 300 лица, меѓу кои и полицајци, побарале болничка помош по судирите. „Евроњуз“ на 24 октомври пренесе дека властите пријавиле повеќе од 300 повредени демонстранти и полицајци.
Демонстрантите бараат оставка од Рама и формирање техничка влада. Дел од нив го обвинуваат за корупција и долгогодишно игнорирање на проблемите во образованието, здравството и економијата.
Рама, пак, ги обвини Русија и Иран за ширење дезинформации поврзани со протестите. Тој зборуваше за вмешаност на „странски актери“ во насилството, но истовремено повика и на дијалог.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
