Полицијата нема да ги признава дигиталната лична карта и возачка дозвола додека не се направат законски измени. Затоа граѓаните треба да си ги носат со себе и пластичните документи.
– Доколку денеска нѐ запре сообраќајна полиција не може да се идентификуваме со електронската лична карта бидејќи нема можност како да нѐ провери дали нашиот дигитален паричник е валиден – објасни министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на вчерашната промоција на мобилната апликација м.Услуги.
– Во моментот кога МВР ќе биде подготвено за тоа, ќе известиме, ќе ги промениме и подзаконските акти во МВР кои се однесуваат на личната карта и на возачката. На пример, во други држави први почнале да ги прифаќаат банки, влегување во локали, купување на услуги од супер маркети – рече Андоновски.
Мобилната апликација м.Услуги е активна и е достапна за сите корисници на „Андроид“ и на ИОС-уредите. Достапни се три електронски услуги, и тоа електронска лична карта, електронска верзија на возачката дозвола, што се преземаат од базите на Министерството за внатрешни работи, како и обрасците М1, М2 и М4.
– Планот е да ги детектираме услугите на порталот uslugi.gov.mk, кои се најкористени и да ги префламе една по една на мобилната апликација. Во моментот ниедна апликација во Македонија нема можност за плаќање и на тоа работиме во периодот што следува. Се надевам дека ќе успееме. Штом успееме во тоа, ќе ги внесуваме апликациите што се со административна такса. Во моментот ќе внесуваме апликации што не бараат од вас да платите – рече Андоновски.
Сите институции што имаат објавено своја услуга на Ннционалниот портал uslugi.gov.mk се подготвени да бидат и на м.Услуги.
– Тие и во моментот не забележуваат од каде им доаѓа барањето за конкретната услуга. Тоа го работиме ние. Оние услуги што немаат внатрешни системи со кои работиме ќе им треба повеќе време да стасаат – рече министерот.
Доколку во апликацијата се појави грешка, граѓаните може да постават прашање на модулот во самата апликација или да се обратат до контакт-центарот на националниот портал uslugi.gov.mk.
– Ниедна апликација не е совршена, не е ни оваа, на ниво е на сите мобилни апликации во државата и пошироко, оценета со одлични оценки и од аспект на кибербезбедност, но секако, доколку постои грешка, и во рамките на апликацијата постои модул за прашања, граѓаните може да се обратат до националниот портал uslugi.gov.mk во контакт-центарот за да им помогнат нашите вработени – рече Андоновски.
Во однос на начинот на воведување и законските основи, министерот посочи дека ќе има процес на адаптација и дека ова е фазно воведување, а во моментот дигиталниот паричник е уреден со Законот за електронските документи и електронска идентификација во членот 20 г.
– Со измените таму се смета дека дигиталниот паричник служи за идентификација на граѓаните, што значи дека со податоците што ќе ги содржи граѓаните ќе може да се идентификуваат. Не се променети законот за лична карта и за безбедност во сообраќајот, но тие не мора да се менуваат. Поважно е да се менуваат правилниците, но има и група на други правилници и закони кои до ден денес бараат и фотокопија од лична карта. Тие ќе треба постапно да ги менуваме и тоа е процес што ќе се одвива во периодот што следи. Многу повеќе ќе биде предизвик техничкото прифаќање на дигиталниот паричник од институциите, најмногу поради нивните внатрешни системи – посочи Андоновски.
– Ние сме една од првите држави во регионот што ова го реализира и обврска ни е до декември 2027 да имаме пристапност до европскиот дигитален паричник што ќе значи прифаќање на електронските документи. Таму се сите и дипломи, и сертификати и уверенија – рече Андоновски.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
